Да се слушне втората страна, односно објавување на двете страни е еден од основните принципи на професионалното новинарство. По овој принцип треба да се води секој медиум, а истиот е кодифициран како од Меѓународната федерација на новинари, така и од сите македонски здруженија на новинари, пишува скопски Курир. Во освртот, понатаму се вели:
„Воедно за веродостојноста на некоја пласирана информација во медиумите етиката налага дека важно е да се знае што вели и втората страна. Дека е потребно професионално новинарство слушаме секојдневно, но што кога најгласните за професионално новинарство не се професионални и му носат штета на новинарството.
Таков е примерот со Мета и Порталб на фондацијата Метаморфозис, истите кои преку Вистиномер наводно се едни од најголемите борци за професионално новинарство. Но, можеби сметаат дека професионализмот треба да важи за сите останати освен за нив.
Така на Мета и Порталб се најде веста со тенденциозен наслов: „Владата со селективна транспарентност: Бомбардирањето со соопштенија го маскира криењето на клучните информации“ каде ја обвинуваат Владата за нетранспарентност, криење на информации, криење записници, затвореност, селективност. Понатаму во нивниот напис тие велат дека има пад на отвореноста и транспарентноста.
И тука доаѓа до израз непрофесионализмот. Ваквиот текст е објавен во период кога Владата како институција има раст на транспарентност со скок од 7 места за само една година, односно од 10 место во 2024 сега се најде на 3 место или 95% исполнетост според Индексот на активна транспарентност на Центарот за граѓански комуникации.
Понатаму непрофесионализмот, може да се види и од тоа што иако Владата објави демант, на овие медиуми не може да се најде тој демант дури и по 24 часа откако истиот е објавен и испратен до медиумите. Точно е дека во посочениот текст на Мета и Порталб има еден цитат претходно побаран од Владата, но тој се однесува за само дел од нивните обвинувања за нетранспарентност, додека поголемиот дел вклучително и насловот се со сериозни обвинувања за криење информации.
Во демантот на Владата кој не се најде на Мета и Порталб се наведува дека резултат од Индексот на транспарентност е најсилен демант на тврдењата дека Владата нешто крие напротив, ова е објективна потврда дека транспарентноста се унапредува и станува сè подлабоко вградено начело во работењето на институциите.
Понатаму Владата наведува дека одговорно посочува дека Владата нема неодговорено прашање, ниту намерно задоцнување во одговорите до медиумите и јавноста и дека ставот е е принципиелен, секоја информација која е од јавен интерес мора да биде достапна навреме и во целост.
Затоа се поставува прашањето дали под превезот на глумење професионално новинарство, некому не му одговара транспарентноста и отвореноста на владата, па без да се слушне втората страна тенденциозно се обвинува за криење на информации, иако ништо не е сокриено.