Фудбалерите на Пари Сен-Жермен и Ливерпул обезбедија вечерва предност на гостински терен по првите натпревари во осминафиналето на Лигата на шампиони, откако францускиот првак, благодарение на хет-трикот на Килијан Мбапе, со пресврт ја совлада Барселона со 4:1, додека англискиот шампион триумфираше над Лајпциг во Будимпешта со 2:0.
Во првата меѓусебна пресметка по легендарното осминафинале во ЛШ од 2017 година, што каталонскиот клуб го доби со вкупни 6:5, Барселона поведе на „Камп Ноу“ преку Лионел Меси од пенал во 27. минута, откако Лајвин Курзава претходно го фаулираше Френки де Јонг.
ПСЖ израмни само пет минути подоцна преку Килијан Мбапе, што за францускиот шампион беше 20-ти гол во серија на гостински терен во ЛШ. Мбапе со два гола во вториот дел, во 65. и 85. минута и Моис Кин со прецизниот удар во 70. минута му донесоа целосен резултатски пресврт на францускиот првак во вториот дел.
На неутрален терен на арената „Пушкаш“, Ливерпул постигна два гола во период од пет минути на почетокот на вториот дел. Мохамед Салах го доведе англискиот првак во водство во 53. минута, пред Садио Мане да го постави конечниот резултат во 58. минута, обезбедувајќи голема предност за екипата на Јирген Клоп пред реваншот на 10 март.