Русија наскоро ќе достави „десетици“ авиони, хеликоптери и противвоздушни системи – најверојатно С-400, во Белорусија, изјави денеска белорускиот претседател Александар Лукашенко на прес-конференција, објави руската агенција ТАСС.

– Во блиска иднина (ја потпишав нарачката пред два дена) Руската Федерација ќе ни испрати, нема да кажам точно што и колку пари, десетици авиони, хеликоптери и важно оружје за ПВО, можеби дури и С-400 систем. Со еден збор, најмодерната опрема. Ќе се опремиме. Ако за време на вежбата (Запад-2021) утврдиме дека ни треба уште нешто, тогаш ќе нарачаме и ќе го купиме тоа од Руската Федерација, истакна Лукашенко.

За време на средбата со јавноста кон почетокот на август, Лукашенко нагласи дека Белорусија е заинтересирана за добивање систем за противвоздушна одбрана С-400.

Тој откри дека Белорусија контактирала со рускиот претседател Владимир Путин за купување на С-400 „по специјална цена, на кредит“. Лукашенко изрази уверување дека Русија ќе го испрати споменатиот одбранбен систем во неговата земја.

Белорускиот лидер посочи дека Минск има намера да потроши дел од кредитот од Москва, наменет за изградба на нуклеарна централа, за купување модерно оружје од Русија. Како што рече Лукашенко, таа сума изнесува меѓу 300 и 500 милиони долари.