Литванија прогласи вонредна состојба поради приливот на илегални мигранти од Белорусија.
Литванската министерка за внатрешни работи Агне Билотаит рече дека мерката не е воведена од безбедносни причини, туку заради поефикасно управување со миграцијата.
„Многу е важно да имате правен систем и инструменти за да можете брзо да донесувате одлуки како одговор на новите предизвици“, рече таа.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко предупреди дека земјата ќе ги намали граничните контроли за мигрантите без документи, како одговор на санкциите наметнати на Белорусија од страна на Европската Унија.
ЕУ воведе дополнителни санкции кон Белорусија откако тамошните власти уапсија опозициски активист во Минск, каде авионот со кој леташе беше присилно приземјен поради предупредување за бомба.
Литванската влада воведе вонредна состојба откако во последните неколку дена над 150 мигранти илегално ја минаа литванско-белоруската граница.
Бројот на притворени мигранти на границата е трипати поголем од порано, соопштија литванските власти.
Повеќето од овие мигранти претходно побарале азил во Литванија, а меѓу нив има и Авганистанци, Камерунци, Ирачани и Сиријци.