Кандидатот за градоначалник на општина Карпош од ВМРО-ДПМНЕ за престојните локални избори вечерва на митингот во општината вети дека Карпош ќе стане уредена и зелена општина, со нови паркинзи, катни гаражи, реновирани паркови и спортски зони, како и дека ќе се решаваат проблемите со дивата урбанизација, а и ќе се реновираат градинките и училиштата.

-Вечерва не ви се обраќам како политичар  туку како човек. Како татко, сопруг, пријател, кој исто како сите вие, го живее секојдневието на Карпош. И тогаш си велам доста е. Ваквиот Карпош не е нашиот Карпош. Карпош заслужува повеќе. Заслужува ред, чистина, зеленило, безбедност и гордост, рече Лукровски во обраќањето митингот во општина Карпош, во рамки на изборната кампања 2025 година со слоган ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!.

Тој истакна дека со новото јавно претпријатие и редари, ќе се воведе ред и безбедност, а  Карпош ќе биде место за култура, спорт и заедништво, со нови патеки, настани и активни маала.

-Во Карпош ќе има каде да се паркираме. Ќе изградиме нови паркинг места и катни гаражи со соларни панели. Ќе ставиме ред во сообраќајот. Ќе воведеме еднонасочни улици, јасна сигнализација и вистинска безбедност за сите. Ќе ставиме крај на дивата урбанизација. Доста е со мафијашки зделки и бетонски пустини. Јас нема да бидам ничиј партнер во инвестициите. Ќе формираме јавно претпријатие „Карпош План“, со кое ќе воведеме ред во урбанизмот и  ќе ги решиме илјадниците легализации,  транспарентно и чесно, заедно со вас сите, граѓаните, изјави Лукровски.

Тој нагласи дека Карпош мора да  биде зелен, чист и уреден.

-Постоечките паркови да ги  блеснеме, ќе се гордееме со новиот парк 1020, ќе спортуваме и ќе се рекреираме во новата рекреативна зона Карпош хајкинг делта, тротоарите мора да бидат безбедни, клупите ќе ги обновиме, улиците да ни светнат. Ќе создадеме подобри услови за најмладите. Ќе отвориме нови места во градинките, ќе ги реновираме училиштата и воведеме редари во и надвор од нив , ќе воведеме униформи со печат на општината, симбол на нашето заедништво и на нашата гордост. Карпош ќе живее со спорт и култура. Ќе поддржиме спортски клубови, ќе изградиме нови патеки, сали и забавен парк со картинг. Нашите маала ќе оживеат со концерти, улични настани и уметност на секој ќоше, додаде Лукровски.

Тој изјави дека општината ќе биде отворена за граѓаните, без затворени врати и политика за поединци и дека тој секој ден ќе биде на терен, во контакт со народот, со поддршка за пензионерите, лицата со попреченост и сите карпошанци.

-Ќе ја вратиме општината во рацете на граѓаните. Нема повеќе затворени врати. Нема повеќе политика на поединци. Секој ден ќе сум еден од вас, секој ден ќе сум на терен меѓу вас, меѓу луѓето, меѓу народот, меѓу граѓаните на општина Карпош. Ќе дадам поддршка и за пензионерите, за лицата со попреченост, за секој карпошанец. Ќе ги обновиме фасадите, лифтовите, јавните простори, рече Лукровски.

Тој нагласи дека локалната самоуправа нема да биде сама во реализирањето на плановите за развој на Карпош, а со поддршка од централната власт ќе се реализираат големи инвестиции и капитални проекти, со цел да се создаде Карпош кој ќе одговори на современите стандарди за живеење.

-И што е најважно од се, локалната самоуправа нема да биде сама во реализацијата на мисијата и визијата за развојно ориентиран Карпош, каков што му доликува на современиот тренд на живеење. За сите капитални проекти ќе ја имаме поддршката од централната власт, во која го имаме моторот на обновата на Македонија, нашиот карпошанец, претседателот на Владата, проф. Д-р Христијан Мицкоски. Заеднички ќе реализираме големи и значајни инвестиции и капитални проекти во нашата општина, заклучи Лукровски.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ