Унгарскиот заменик-министер за надворешни работи, Левенте Маѓар, сугерира Украина да размисли за откажување од една петтина од својата територија, наведувајќи го унгарското „отстапување“ на две третини од својата територија за мир по Првата светска војна.

За време на предавањето во Париз, Маѓар се осврна на Тријанонскиот договор од 1920 година и териториите што Унгарија ги загуби по Првата светска војна, предлагајќи Украина да дејствува на сличен начин за да постигне мир.

Тој вели дека Унгарија во тоа време била на губитничката страна и имала само две опции: или повторно да се вооружи и да изврши колективно самоубиство или да прифати мировни услови, дури и ако тоа значело губење на две третини од земјата. Маѓар вели дека владата во тоа време ја донела единствената разумна, иако трагична, одлука.

„Дали беше болно? Секако дека беше. Сега Украина ќе мора да се откаже од една петтина од својата територија. Не велам точно што треба да направи Украина, само нашето искуство покажува дека мирот понекогаш може да биде болен. Прашањето е што е поважно, зачувувањето на земјата или задржувањето на неколку илјади квадратни километри“, рече Унгарецот.

Заменик-министерот за надворешни работи додаде дека ризикот од ескалација и ширење на војната се зголемува со секој изминат ден.

„Мирот е потребен по секоја цена“, предупреди Унгарецот.