Од Меѓународниот аеродром Скопје и покрај маглата утрово полетаа шест авиони, дел со мало задоцнување, додека патниците од Истанбул со авионот што требаше да слета во 7:55 се очекува да пристигнат со еден час задоцнување. На веб страната на аеродромот пристигнувањето на авионот од Истанбул е најавено со еден час задоцнување.

Следното слетување на аеродромот е после 11 часот.

Изутринава магла имаше во повеќе места во земјата, како и на неколку патни правци. Во Скопје претпладнево има појава на магла и ниска облачност. Попладне и кон крајот на денот ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец што ќе предизвика делумно намалување на маглата. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 9 степени.

Поради намалена видливост како резултат на густата магла во скопската котлина, на Скопскиот аеродром од 20 часот завчера до девет часот изутрината вчера беа откажани девет лета, а  четири пренасочени.

Магла на повеќе патни правци до државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива по наместа влажни коловози, а поради магла намалена видливост има на повеќе патни правци.

Магла има на патиштата Битола – Прилеп, Охрид – Струга, Скопје – Куманово, Скопје – Велес, Велес – Катланово, Кочани – Штип каде видливоста е од 50 до 100 метри, а на Тетово – Групчин до 50 метри.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.