Министерството за надворешни работи соопшти дека, по добиените информации за почината државјанка на Република Македонија (М.Ј.) во Јужноафриканската Република, тие стапиле во контакт со надлежните органи на земјата преку надлежната Амбасадата во Каиро, од каде добиле потврда за трагичниот настан.
„Нашите претставници се во постојана и непосредна комуникација со надлежните јужноафрикански власти како и со роднините на починатата, како во делот на утврдување на деталите така и околу организирањето транспорт на посмртните останки на починатата во земјава“, известуваат од Министерството.
Познатата шминкерка и бизнисменка Маја Јанеска почина од прострелна рана во главата, потврди полицијата, а пренесе порталот „Њуз 24“.
Полицијата соопшти дека отворила увид во врска со смртта на Јанеска, што значи, во оваа фаза, дека тоа не се третира како сомнителнa од органите на прогонот.
„Полицијата добила повик за лице кое, наводно, се самоубило во ‘Bassonia Estate’. По пристигнувањето на дадената адреса, полицијата пронашла жена во спалната соба со прострелна рана во главата. До неа имало огнено оружје. Брзата помош констатирала смрт“, изјави портпаролот на полицијата, потполковник Мавела Масондо.