Делегација на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), заедно со Ристо Дурловски – претседател на „Обединети Македонци“ од Канада, во живописното село Глобочани, Општина Пустец, му оддадоа почит на големиот писател со македонско потекло, Стерјо Спасе, во чест на 111-годишнината од неговото раѓање.

-Положивме цвеќе на неговата биста, оддавајќи почит на животот и делото, што оставија траен белег во културната историја. Глобочани и Преспа со право се горди што на Албанија ѝ дадоа еден бесмртен писател, чии што дела се вградени во темелите на албанската книжевност и го осветлуваат придонесот на Македонците во албанското општество, рече за МИА Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.

Според него, колосот на современата албанска литература, Стерјо Спасе, преку своите дела инспирираше и едуцираше цели генерации Албанци, секогаш гордо истакнувајќи ги своите македонски корени.

-Стерјо Спасе, роден е во село Глобочени, Мала Преспа во 1914, а почина во Тирана, 1989 годна. Тој е еден од најзначајните основоположници на современата албанска литература, а неговите корени длабоко се вплетени во македонската традиција. Писател, антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби, тој успеа да ги спои културите и да ја пренесе приказната на Преспа далеку над нејзините граници, посочува Стерјовски.

Автор е на петнаесетина романи и многу раскази. Негово најпознато книжевно дело е романот „Од живот за живот – зошто?“, кој е напишан во вид на дневник и се фокусира на една трагична дилема на млад интелектуалец на село.

Пред шест години, тогашниот албанскиот претседател Илир Мета, постхумно го одликува со признанието „Витез на редот на знамето“. Тогаш Мета рече дека неговиот познат роман „Зошто“ го најавил создавањето на современа литература во Албанија, додавајќи дека Стерјо Спасе е значајна личност не само во Албанија, туку на Балканот и Европа.

Во неговото родно Глобочени пред три години отворен беше Музејот „Стерјо Спасе“, кој е посакувана дестинација на туристите, а и место за многу културни настани на Македонците. На плоштадот во селото во 2014 година беше откриена бронзена биста на Спасе.

Фото: МАЕИ