Александар Петровски сè уште нема наполнето 10 години, но полиците му се полни со медали и пехари. Најновото достигнување на ова дете од Скопје е достојно за цела Македонија да биде горда – тој стана балкански карате шампион. Македонското знаме, токму поради неговиот успех, највисоко се вееше меѓу сите останати во Црна Гора.

Надвор од тренинизите и натпреварите, Александар го живее животот како секое друго дете. Најблиските го викаат Алек, тој е ученик во ООУ „Лазо Ангеловски“ и сега завршува со четврто одделение. Но тоа што го издвојува е фактот што уште на 6-годишна возраст си постави пред себе голема цел – да биде успешен каратист. Тренира веќе четири години во карате клубот Олимпик, кај тренер Александар Кузмановски.

Чекор по чекор, напорни тренинзи, многу натпреварувања и патувања, секако и одрекувања од приватните обврски – патот до успехот не беше лесен. Ниту една пречка не го поколеба Александар. Се разбира, негова најголема поддршка се неговите родители, кои го водат и следат кон целта.
Викендов ја дознавме убавата вест дека наше дете, Македонче, е шампион на целиот Балкан. КУРИР стапи во контакт со Александар преку неговите родители.
Го прашавме како се подготвува и како го доживеал ова прекрасно искуство.
-Имав напорен секојдневен тренинг. Целта ми беше да бидам балкански првак и да продолжам понатаму со големи успеси и секако да стигнам до европски и светски шампион. Многу сум среќен и возбуден за постигнатото до сега, а особено за последниот турнир во Црна Гора каде имав пет борби. Мислам дека ќе успеам да стигнам до замислената цел, рече малиот, а голем балкански шампион во изјава за КУРИР.
Големата победа која го крена на пиедестал е само еден во низата огромни успеси на Петровски.
Александар има освоено многу златни медали на интернационални турнири, меѓународен турнир. Бележи успеси во Македонија, но претставувајќи ја нашата држава тој победува и добива награди и признанија каде и да настапи надвор од границите.
Дома, во Македонија, е државен првак.

Ѕвезда на својот избран спорт е каде и да се појави, а на неговите успеси бевме сведоци и во Србија, Косово, Романија, Бугарија, Црна Гора…
Прво место и злато освои пред една недела во Охрид.
Приватна архиваСо сребро се закити на интернационалниот турнир во Софија, Бугарија.

Минатиот месец од Црна Гора се врати со две злата околу вратот….

Ова се само дел од успесите кои Александар ги има постигнато и на кои е горд. Може да се пофали со многу повеќе, а допрва пред него стои спортска кариера.
Му посакуваме уште низа успеси на кои сите ќе бидеме горди.