Во Паркот на франкофонијата денеска се одржа вториот Фестивал на биодиверзитет во организација на „Слоу фуд Водно“ и со финансиска поддршка на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство.

Министерот Љупчо Николовски истакна дека малите производители се во фокусот на активностите на МЗШВ и дека малите земјоделци треба да бидат мотивирани со тоа што при купувањето храна треба да им дадеме предност на локалните производители.

-Да купуваме првенствено храна која е типична за нашето поднебје, а помалку храна која поминала долг транспорт и складирање во магацини. Да купуваме храна произведена со примена на агропрактики за органско производство, храна одгледана во малите земјишни парцели на локалните производители, од домашни сорти добиени по пат на природна селекција од семиња сочувани од нашите баби“, рече Николовски.

Тој ја поздрави иницијативата на „Слоу фуд“ да го поттикнува локалното производство и да придонесува во зачувување на старите рецепти на подготовка на домашни слатка, маџун, ајвар, оцет, вино, пиво, масло, путер, сирења, кашкавали и многу други традиционални специјалитети, како и напорите да се подигне јавната свест за значењето на бидиверзитетот кај нас но и на глобално ниво.

-Ќе се повикам на она што е напишано во Водичот за бидиверзитет на „Слоу фуд“, а тоа е дека заштитата на биодиверзитетот значи почитување на сите различности, места, заедници со нивното знаење и култури. Тоа значи растење на многу различни нешта, но во мал обем. Тоа значи произведување помалку, но давање поголема вредност на она што се произведува и сведување на минимум на она што се фрла. Тоа значи јадење претежно локална храна. Тоа значи промовирање систем кој е урамнотежен, траен и одржлив. Тоа значи заштита на малите земјоделци, рибари и сточари кои ја разбираат кревката рамнотежа на природата и работат во хармонија со екосистемите. Ова е тоа што на сите ни треба, да станеме свесни за тоа што произведуваме и што јадеме, при тоа да се грижиме за животната средина и да не го нарушуваме биодиверзитетот и совршениот баланс на природата, истакна Николовски.

МЗШВ соопшти дека оваа година ќе поддржи рекордни 47 локални манифестации кои имаат цел да ги промовираат домашните земјоделски производи, традиционалните специјалитети, фолклор, традиција и култура, нагласувајќи дека преку ваквите манифестации го јакне локалното производство и малите производители и придонесува за економски развој на руралните средини и транзиција кон еколошки одржливо општество.