Македонија сериозно си ја сфати мисијата наречена „нов настап на Европско првенство“, па откако вчера пристигнаа добри вести од Литванија, денеска избраниците на Кирил Лазаров буквално ја декласираа селекцијата на Естонија.
Словенија вчера ни направи услуга со победата во Вилнус на гостински терен и не остави во игра за второто место, а сега истото ќе треба да го потврдиме во директен дуел со Литванија во Скопје.
Македонија го направи првиот исчекор за продолжување на континуитетот со настап на големи натпреварување, но тоа ќе треба да се потврди во недела во „Јане Сандански“ во атмосфера која сигурно ќе биде пеколна за Литванците.
Нашиот најдобар национален тим денеска издоминира од почеток до крај во дуелот со Естонија на гостински терен, па на крајот оствари преубедлива победа во Талин со речиси 20 голови разлика.
Поточно, Македонија славеше со „+19“ и во ниту еден момент не беше доведена во прашање победата, особено и поради фактот што веќе на полувреме беше 19:10.
Вториот дел не донесе никакво опуштање и Македонија одигра уште пофуриозно, па така со 17:7 се погрижи за огромна победа од 36:17 на гостувањето.
Капитенот Филип Кузмановски постигна шест погодоци, Мартин Серафимов помогна со „пет од пет“, додека четири голови постигна Лазаревски.