Македонија влегува на НАТО пазарот со производство на дронови. Фабриката за муниција АТО АММО од наскоро ќе почне да произведува четири видови дронови – за употреба во борби но и во цивилни цели.
Според најавите, земјава треба да се најде на мапата на производство на мултифункционални дронови кои ќе бидат користени во воените арсенали на земјите членки на НАТО.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска не открива детали, техничките спецификации се класифицирани информации кои допрва ќе треба да се прецизираат.
„Во однос на техничките спецификации, јас не би објавувала сега што точно ќе содржат, затоа што тоа се и класифицирани информации. Мултинаменски ќе бидат заради тоа што во денешно време повеќедимензионалнсота или потребата од повеќе аспекти се повеќе се наметнува. Ти ќе бидат способни и да бидат испраќани во извидничко – разузнавачки мисии а се разбира ќе бидат оспособени за борбени дејствија но и за употреба во цивилни цели.“
Петровска ја посети фабриката АТО АММО во Самоков, Македонски Брод заедно со премиерот Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Ковачевски откри дека дроновите кои се планира да се произведуваат таму ќе бидат целосно производство во земјава.
„Многу скоро АТС АММО ќе започне со сериско производство на четири видови на дронови кои ќе бидат опремени со вештачка интелигенција, ќе имаат висок дострел, соодветна носивост, да можат да бидат опремени со соодветна опрема и кои целосно ќе бидат произведени во Македонија, согласно сите НАТО стандарди и ќе можеме да ги гледаме во воените арсенали во НАТО земјите.“
Компанијата АТО АММО е единствена фабрика во земјава за производство на малокалибарска муниција, произведува повеќе од 120 милиони парчиња годишно, а догодина се планира тој број да се зголеми и до 250 милиони парчиња. Регистрирана е на НАТО листата за производство, помеѓу досега регистрирани околу четириесетина компании во земјава.