Во Македонија лани биле склучени 13.781 брак, а регистрирани се 1.994 разводи. Бројот на склучени бракови во 2017 година, во споредба со 2016 година, е зголемен за 4,4 проценти. Најмногу бракови, 1.771 или 12,9 проценти се склучени август, а најмалку во март, 764 или 5,5 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.
Најчесто е стапувањето во прв брак со учество од 93,1 процент за жените и 91,4 проценти за мажите.
Во втор брак со учество од 7,9 проценти и во трет брак со учество од 0,7 проценти, во вкупниот број склучени бракови, почесто стапуваат мажите.
Во 2017 година, најголем број бракови, 4 570, кај жените биле склучени на возраст од 20 до 24 години или 33,2 процента а за мажите во старосната група од 25 до 29 години со 5.222 бракови или 37,9 проценти.
Просечната возраст при склучувањето прв брак е 26,6 години за невестата и 29,3 години за младоженецот.
Разведените 1.994 бракови во минатата година се за 0,5 проценти во однос на разводите во 2016.
Најмалку бракови, 42 или 2,1 процент, во текот на 2017 година се разведени во август, а најмногу, 224 или 11,2 проценти, во декември.
Според возраста на сопругата и на сопругот, најголем број разводи, 387 или 19,4 проценти се случиле во старосната група од 30 до 34 години, за сопругата и 356 или 17,9 проценти за сопругот.