Македонската фудбалска репрезентација (до 21 година) прокоцка сигурна победа во финишот против Ерменија со која одигра 3:3 во осмиот натпревар од квалификациите за Европското првенство.
На тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје избраниците на селекторот Добринко Илиевски го отворија резултатот со погодокот од слободен удар на Јани Атанасов во 26 минута откако претходно на работ од 16-кот фаулиран беше Стефан Јевтоски.
На стартот од второто полувреме гостите израмнија од пенал со погодокот на Петрос Аветисјан во 56 минута. „Црвено жолтите“ повторно го вратија водството во 73 минута кога од истата позиција најстрогата казна ја реализираше Давор Здравковски. Една минута пред крајот Дарко Чурлинов зголеми на 3:1 и кога се очекуваше сигурен триумф за македонските надежи, Ерменија во судиското надополнување постигна два гола со автоголот на Алекса Амановиќ и вториот погодок на Аветисјан за конечни 3:3.
Пред дуелот на гости против Русија на 12 октомври, Македонија остана петта во седмата група со четири бодови