Груевски побарал политички азил во унгарско претставништво надвор од Македонија, објавија вчера унгарските власти, кои отфрлија каква и да било инволвираност во неговото бегство.
Шефот на Кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан не откри во која земја Груевски го поднел барањето и како стигнал до Службата за имиграција и азил во Будимпешта каде ги поднел документите и бил сослушан од службениците. Тој изјави дека Унгарија нема добиено официјално барање од Македонија за екстрадиција на Груевски, но доколку добие такво барање, по него ќе се постапува согласно законите.
Во Македонија, пак, се подготвува барањето со обемната документација за екстрадицијата на Груевски, кое според владиниот портпарол Миле Бошњаковски, ќе биде доставено до унгарските власти во следните денови.
– Министерството за правда од надлежните судови ја собира севкупната документација во однос на случајот. Таа ќе биде преведена и доставена до унгарските надлежни органи односно до Министерството за правда на Унгарија. Во документацијата меѓудругото ќе има и образложение зошто Никола Груевски треба да биде екстрадиран во Македонија. Се работи за обемна документација околу 400 страници, но без разлика на бројот на страниците, барањето ќе биде официјално доставено до Унгарија во текот на овие денови, изјави вчера Бошњаковски на прес-конференција во Владата.
Паралелно со ова, во Македонија се спроведуваат и две постапки во Министерството за внатрешни работи со цел да се утврди начинот на којшто Груевски побегнал од Македонија. Одделот на внатрешна контрола спроведува постапка за можна инволвираност на полициски службеници дека му помогнале, а дополнително Секторот за внатрешни работи Скопје го утврдува начинот на бегство, како и евентуално надворешни лица кои му помогнале.
По низата неофицијални објави во медиумите околу рутата на движење на Груевски, Секторот за граница и миграција при Албанската државна полиција синоќа соопшти дека поранешниот македонски премиер излегол од Албанија на 11 месецов во 19:11 часот преку преминот Хан Хоти-Муриќан, на албанско-црногорската граница како патник во автомобил со регистарски ознаки CD1013A,сопственост на амбасадата на Унгарија во Тирана.
Албанската полиција, во чие соопштение немаше информација преку кој граничен премин Груевски влегол на албанска територија, наведе и дека на денот кога Груевски бил на територијата на Албанија не постоела никаква потерница од Македонија или Интерпол.
Следеше и соопштение од црногорскотро Министерство за внатрешни работи, исто така со пoтврда дека Груевски влегол и излегол од Црна Гора на 11. месецов, како и дека црногорската полиција во овој случај „во целост ги испочитувала законските процедури“.
Претходно, белградскиот весник „Политика“ објави дека Груевски со лажен пасош ноќта ја преминал на македонско-албанската граница и илегално влегол во Тирана каде бил прифатен во унгарската Амбасада. Со првиот утрински лет на компанијата „Малев“ директно пристигнал во Будимпешта.
Унгарската амбасада во Тирана вчера ниту ја потврди, ниту ја демантира оваа информација. За тиранската телевизија „Топ чанел“, од Амбасадата кусо одговориле дека „не ги коментираат процесите кои се во тек“ поаѓајќи од фактот дека барањето за азил на Груевски се разгледува во Будимпешта.
Медиумите претходно јавија дека од прегледот на TIMS системот на премините, произлегло дека тој на албанска територија не влегол преку официјален премин, што ја остава отворена можноста дека тоа да го направил илегално преку зелениот појас, по што бил во унгарската амбасада во Тирана, каде и побарал азил.
Во врска со бегството на Груевски и пишувањето во некои медиуми дека Груевски побегнал во Унгарија со бугарски пасош, вчера со демант се јави и бугарското Министерство за правда соопштувајќи дека Груевски нема поднесено документи за бугарско државјанство и оти не му е издаден бугарски пасош.
За Груевски и неговото барање за политички азил во Унгарија вчера телефонски разговараа и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и неговиот унгарски колега Петер Сијарто. Од унгарското Министерство за надворешни работи информираа дека Сијарто му кажал на Димитров оти барањето на Груевски за азил е правно, а не политичко прашање и оти унгарските власти ќе одлучуваат според меѓународното право.
Реакција за бегството на Груевски стигна и од Стејт депарментот. Претставник на Стејт депарментот за „Политико.еу“ изјави дека САД сметаат оти Груевски треба да си ја отслужи затворската казна во својата земја.
– Во правен и транспарентен процес Никола Груевски беше осуден од македонскиот суд за злоупотреби на службената должност и осуден на две години затвор. Пресудата беше потврдена и од други судски инстанци. Дополнително, Груевски е обвинет во уште четири кривични предемети. Ние сметаме дека судските постапки во Македонија треба да продолжат, а Никола Груевски да одговара пред македонскиот правосуден систем, вели претставникот Стејт департментот.