Претходната недела бомбастично беше најавена информацијата дека е отворена постапка за доделување на локации во шест ТИРЗ зони и тоа ТИРЗ Скопје 1, ТИРЗ Скопје 2, ТИРЗ Штип, ТИРЗ Струмица, ТИРЗ Прилеп и ТИРЗ Струга за изградба на фотоволтаични електроцентрали со инсталирана моќност од 50 MW, истакнуваат од Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение го пренесуваме нивното соопштение:

Изградбата ќе биде со јавно приватно партнерство со ТИРЗ зоните со цел зајакнување на енергетските капацитети и транзиција со зелената енергија и зголемување на економијата. Според направената студија од меѓународна ревизорска куќа Грант Торнтон инвестицијата би чинела 40.000.000 евра. Според студијата предвиден е фиксен надоместок од 14.000.000 евра, односно за трошоци за подготовка на земјиштето, за инфаструктурни проекти и др. За возврат државата треба да добие процент од приходите на секоја од компаниите кои ќе инвестираат во фотонапонски електро централи. Во ниту една земја во Европа не е предвидено производство на електрична енергија во ТИРЗ зоните.

Согласно класификацијата за економската наука, производството на електрична енергија не претставува индустриска дејност, па затоа не можат да се примената одредбите од Законот за индустриски зони. Според економската класификација постојат индустрија и индустриски гранки и одвоено енергетика. Што значи дека енергетиката, во која спаѓа и производството на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали, не се индустриски дејности и затоа не можат да се применат одредбите на Законот за трговски индустриски развојни зони – ТИРЗ.

Во ТИРЗ зоните не смее да се произведува електрична енергија бидејќи тоа е во спротивност и со Законот за енергетика и со европските директиви. Произведената електрична енергија од предвидените фотонапонски електроцентрали во ТИРЗ зоните не смее да се продава на либерализираниот пазар на електрична енергија. Единствено може да се користи само за сопствени потреби, без да се предава произведна електрична енергија во електродистрибутивната или електропреносната мрежа.

Согласно член 35 став 3 алинеја 7 од Законот за технолошки индустриски развојни зони во ТИРЗ зоните не смеат да се вршат активности производство и други услуги кои се во спротивност со други закони во Република Македонија.

Согласно Законот за технолошки индустриски развојни зони член 4-а и 6 корисниците на ТИРЗ зоните имаат одредени даночни и царински ослободувања. Инвеститорите се ослободени од плаќање на царински давачки за опрема, машини и резервни делови.

Земјиштето во слободните економски зони е достапно под долгорочен закуп за период до 99 години за 0,10 евра / м2 годишно. Дополнително, постои бесплатна врска со мрежата на природен гас, вода и канализација. Покрај тоа, инвеститорите се ослободени од плаќање даноци за комунални услуги на локалната општина, како и од такси за одобренија за градење. Исто така има и бенефити при изградбата на приклучокот на електродистрибутивната или електропреносната мрежа. Корисниците на слободните зони имаат право на 10-годишно ослободување од плаќање на корпоративен и персонален данок на доход. Инвеститорите исто така се ослободени од плаќање ДДВ (данок на додадена вредност) за увоз и трговија со стоки во слободните зони.

Сето тоа значи дека вредноста на инвестицијата на ФЕЦ е помала, како и цената за произведен kWh е помала. Тоа овозможува овие инвеститори на фотонапонски електроцентрали во ТИРЗ зоните да ги прави да бидат во привилегирана позиција во однос на другите производители на електрична енергија кои се на слободниот пазар на електрична енергија, а сето тоа овозможува да се направи нерамноправна и нелојална конкуренција.

Учесниците на слободниот пазар на електрична енергија треба да бидат во иста и рамноправна позиција. Со овозможување на изградбата на приватни инвестиции во ТИРЗ зоните, субвенционирани со парични олеснувања и поволности Владата на Р. Македонија ги става во привилегирана позиција, а останатите производители на електрична енергија се дискриминирани. На овој начик се прекршува и уставот на Република Македонија, кој не дозволува никаква дистриминација.

Согласно член 23 став (1) алинеја 7) од Законот за енергетика, Регулаторната комисија за енергетика во рамките на својата надлежност треба да обезбеди заштита на потрошувачите и унапредување на ефективната конкуренција со цел потрошувачите да имаат корист од ефикасното и конкурентното функционирање на пазарите на електрична енергија во Република Македонија.

На овој начин не е јасно како Регулаторната комисија за енергетика ќе ја спроведе Регулативата за интегритет и транспарентност на пазарот на енергија на големо (REMIT) која е регулатива на ЕУ и дизајнирана со цел да се зголеми транспарентноста и стабилноста на европските енергетски пазари.
Од сето ова може да се заклучи дека со ваква Влада и енергетска политика за енергетска транзиција, нема иднина. Македонија станува ФОТОВОЛТАИЧНА Сончева долина, а народот темен и мрачен со краток џеб кој не може да преживее од први до први.

За сето ова серизноно треба да преземат активности ДКСК, Комисијата за заштита на конкуренција и други надлежни и нституции, за најавените злоупотреби, кои се прават од страна на оваа ненародна власт, а сѐ со изговор дека се работи за зелена енергија и енергетска транзиција, но останува вистината дека се работи за само НЕРАМНОПРАВНА конкуренција на пазарот на електрична енергија и лично профитерство.