Македонката со псевдоним Зарина Првасевда е избрана за најдобар прв талент на првата европска платформа за шоукејс фестивали (UPBEAT), што ја лансираше наградата „Најдобар нов талент“, за да го нагласи значењето на уметниците во подем и музичкото богатство задушено од генеричката поп-култура.
Жирито од експерти и музички професионалци, критичари и познавачи на индустријата внимателно селектираа десет номинирани кандидати од вкупно стотина артисти кои настапувале на фестивалите организирани од членовите на UPBEAT низ годината. Финалниот победник беше избран од публиката со приближно 4.000 гласачи од цела Европа кои го поддржаа својот омилен артист.
Со најголем број на гласови, победник е музичката уметница од Македонија, Зарина Првасевда која пее и македонска и светска традиционална музика. Таа има соработувано со артисти ширум светот, а исто така има работено и на филмски проекти.
Балансирајќи го своето раскошно наследство со автентичното самоизразување, Зарина Првасевда го пронајде сопствениот глас на нејзиниот деби албум „Ехо“. Албумот има 11 традиционални песни на четири различни јазици.
– Доаѓајќи од мала држава, патот до видливоста е несомнено потежок, но мојата верба, труд и напорна работа, благодарение и на поддршката од платформите како што е UPBEAT кои успеваат да ги воочат, на крај се исплатат. Оваа награда е големо достигнување за мене и за Македонија. Благодарение на сите добри луѓе кои гласаа, благодарение на UPBEAT, ние одиме напред со уште повеќе музика која ја топли душата, онаа која се размножува кога ја споделувам, изјави таа.
Зарина Првасевда потекнува од музичка фамилија од Демир Хисар. Нејзиниот татко Зоран Здравевски-Зрпе и нејзиниот покоен чичко Јане Ангелевски се основачи на познатата група Бисер од Демир Хисар.