Со модернизација на системот за управување со документи, најголем дел од администрацијата ќе треба да заборави на употреба на хартијата.
Пет илјади административни службеници во најмалку 20 институции од почетокот на годинава, според најавите, треба да работат на единствен систем за електронско управување со документи.
Министерството за информатичко општество и администрација најави целосна модернизација на системот за електронско управување со документи, како дел од активностите за професионализација на јавната администрација.
– Со ова решение, институциите ќе може да добиваат електронски или хартиени документи, а преку овој систем во електронска форма ќе бидат доставени до надлежниот службеник. Размената на документите меѓу институциите ќе биде електронска и во реално време преку електронскиот систем, кој ќе овозможи безбедно чување и достава на документите. Можноста од фалсификати и злоупотреба на документи е елиминирана. Секој документ, кој е креиран и проследен преку овој систем, ќе може да се валидира без разлика дали е во електронска или хартиена форма, ветува МИОА.
Според најавите, годинава треба да се обезбедат услови за висока достапност за приклучување кон Централниот регистар на граѓани на институции и компании, кои имаат овластувања да вршат јавни услуги. Централниот регистар е основа и за Националниот портал за е-услуги и воведувањето систем за електронска идентификација ЕиД, што беше пуштен минатиот месец.
Преку порталот, која било институција, без разлика дали е од централната власт или локалната самоуправа, може да им дава електронски услуги на граѓаните. Моментно се нудат 127 услуги преку тој портал. Електронски може да се добијат потврди од Министерството за труд и социјална политика, да се објават неважечки документи од „Службен весник“, да се издаваат потврди и М1, М2-образец од Агенцијата за вработување, да се земе, односно да се извади М4-образецот од ПИОМ, да се проверат лични податоци од Централниот регистар на население добиени од вкрстување на податоците од Управата за водење на матичните книги, Министерството за внатрешни работи и Централниот регистар.
Во Каталогот на услуги што беше изработен од МИОА од 1.300 услуги веќе се детално опишани 700. Се планира заокружување на сите 1.300, а од процесот ќе изостанат само тие за кои природата на постапката на документите не дозволува тоа да се прави електронски.
Најавено е и приклучување во програмата ИСА 2 на ЕУ со која се поддржува развојот на дигитални решенија за јавната администрација, бизнисот и граѓаните во Европа, со што се овозможува поголема добивка од интероперабилни прекугранични и меѓусекторски јавни услуги.
Годината што измина во јавниот сектор помина и во знакот на подготовка на законски решенија и анализи за подобра функционалност на институциите, како и за ветувањата за намалување на партизацијата. Хоризонталната функционална анализа што се подготвува треба да го оптимизира бројот на институции, оние кои се вишок да се укинат, тие кои се преклопуваат со надлежностите да се спојат, повеќе помали да се спојат и ако треба некоја нова да се формира.
Прв чекор за ветената деполитизација на администрацијата и поконкурентен избор се предвидените промени во изборот на државните секретари и директори со Предлог-законот за висока раководна служба. Со него треба да се професионализира изборот на високи раководни позиции, односно директори и секретари, во 130 институции. Предизвик и натаму останува иницијативата на МИОА за префрлање на вработени од јавен во приватен сектор.