Главната мешовита комисија за одржување, обновување и одбележување на граничната линија меѓу Македонија и Албанија одржа редовен состанок во Тирана, на кој било разговарано за замена на оштетените и поместени гранични ознаки и подобрување на видливоста на граничната линија.
Делегациите на двете земји, како што информираат од МНР, биле предводени од државниот секретар Виктор Димовски и генералниот секретар во албанското Министерство за надворешни работи Газменд Барбалуши.
Состанокот, што се одржа вчера во Тирана, како што информираат од МНР, се одвивал во конструктивна и пријателска атмосфера и двете делегации разговарале за активностите поврзани со замена на оштетените или поместените гранични ознаки на заедничката државна граница, односно поставување нови, за подобрување на видливоста на граничната линија и потребата од чистење на истата, за вршење геодетски премер и аерофотограметриско снимање, како и изработка на дигитални гранични карти.
Следниот состанок на главната мешовита македонско – албанска комисија за одржување, обновување и одбележување на граничната линија треба да биде одржан во Скопје во првата половина на 2020 година.