Македонска Каменица денеска го слави Денот на градот, Денот на рударите и христијанскиот празник Успение на Пресвета Богороидица, кој е и заштитник на градот.
По тој повод во градот се организираат низа свечености а меѓу присутните гости утрово беше министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која честитајќи го Денот на рударите навести нова група пензионери кои ќе заминат во пензија согласно новиот Закон за пензионирање.
Царовска рече дека еден од приоритетите на Владата е да се подобри квалитетот на живеење на сите граѓани.
– Покажавме дека она што им го ветивме на рударите и го испорачавме. Оваа година ги имаме првите 51 пензионер кои по новиот закон, пензионирање за рударите само со навршен стаж независно од нивната возраст, тоа е 35 години за жени и 40 години за мажи, тие го остварија своето право. Очекуваме и нова група пензонери и навистина им посакувам да си ја доживеат пензијата и уште многу години квалитетен живот за овие наши сограѓани, рече Царовска.
Ова е само еден од аспектите, додаде таа, што за нас како Влада беше важно да го оствариме кон овие граѓани.
– Дополнително во Македонска Каменица заедно со градоначалничката се отвори дневниот центар за лица со посебни потреби, со што се ангажираа стручни лица кои работат на вклучување на децата со попреченост во општината, ги покачивме платите на вработените во градинката, ги покачивме платите на вработените во центрите за социјална работа и на крај ја зголемивме социјалната помош за 300 проценти што значи дека на најсиромашните им се дава шанса за поквалитетен живот, а со тоа ја изедначуваме неправдата која постоеше со години во нашата држава, рече Царовска.
Министерката се сретна и со граѓани кои го празнуваат христијанскиот празник Голема Богородица во градот