Две балетски дела од данскиот кореограф Аугуст Бурнонвил, инспирирани од Франција и Шпанија, ќе бидат изведени на балетскиот концерт насловен „Романтична балетска вечер“ кој ќе биде изведен вечер од 20 часот во Македонската опера и балет.

– Се работи за „Конзерваториумот“ од 1849 година, што претставува омаж на неговата младост и едукативен престој во Франција и „La Ventana (Прозорецот)“ кој ја отсликува неговата страст за Шпанија. Изведбата е поставена и режирана од Ева Клоберг и Франк Андерсен од Данска, соопшти НОБ.

Музиката е од Паули, Лумбие, Холм и Хелстед, сценографијата е на Зоран Николовски, костимите ги изработи Марија Пупучевска, а асистент на продуцентите е Саша Евтимова.

На балетскиот концерт ќе настапат  првенци, солисти и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

Настанот ќе се одржи со почитување на здравствените протоколи за заштита од КОВИД-19, а влезот за публиката ќе биде отворен еден час пред почетокот на концертот.