На 4 јануари 2026 година во 20,30 часот во Македонскиот народен театар (МНТ) премиерно ќе биде прикажан докоментарниот филм „Приказната за Силјан“ на македонската режисерка Тамара Котевска, соопштија од тимот.

Македонската премиера доаѓа по американското премиерно прикажување во Њујорк, како и британското во Лондон.

МНТ првпат ќе биде домаќин на ваква кино промоција, каде ќе биде присутна целата филмска екипа на „Силјан“.

„Силјан“, кој беше македонски кандидат за филмската награда „Оскар“ и за жал не влезе во потесниот избор, е втор документарн филм на Котевска, по историскиот успех на „Медена земја“, документарец кој таа го режиршае со Љубомир Стефанов кој во 2020 година имаше две номинации за најпрестижната наградата – за најдобар странски филм и за најдобар документарен филм.

На 22 јануари ќе бидат објавени петте филмови кои ќе добијат номинација за Оскар во овие категории.

„Силјан“ го откупи светски познатиот „Нешенал џиографик“ и во меѓувреме освои награди на сите меѓународни релевантни фестивали. Светските критичари рекоа: „триумф”, „апсолутен шармер”, „импресивно дело”,„прекрасна и нежна меланхолија деликатно поврзано со екосистемот, кој е предизвикан од притисокот на модерниот живот во Македонија”, и тоа се само дел од епитетите кои ги напишаа светските филмски критичари.

„Приказната за Силјан” е визуелно силен и медитативен филм за издржливоста, грижата и малите дела кои менуваат животи. Во срцето на рурална Македонија, земјоделецот Николa, притиснат од новите државни политики, случајно наоѓа ранет бел штрк на депонија и решава да му помогне. Нивниот кревок, полека граден однос со доверба се претвора во спасоносна врска која му враќа смисла на Никола, ги обновува врските со заедницата и ги буди старите преданија и односот кон природата.

Кинематографер на „Силјан“ е Жак Дакар, продуценти се Ана Хашми, Котевска, Дакар и Јорданчо Петковски. Монтажата е на Мартин Иванов.

Протагонисти во филмот се Никола Цонев, Јана Цонева, Илина Цонева, Александар Цонев, Александра Цонева, Стојче Филипов, Иле Стојковски.

Билетите ќе бидат пуштени во продажба во понеделник, 29.12.2025 преку платформата на drugastrana.mk

По празниците филмот ќе продолжи да се прикажува во Скопје и низ останатите македонски градови.