Бројот на работниците во индустријата во јуни годинава, во однос на истиот месец лани е намален за 0,7 отсто, додека во периодот јануари – јуни 2021 споредено со истиот лански период намалувањето изнесува 2,4 проценти, а во истиот период пораснало индустриското производство.

Како што објави денеска Државниот завод за статистика, бројот на работниците во секторот Рударство и вадење на камен во јуни 2021 година, во однос на јуни 2020 година, бележи опаѓање од 7,2 проценти, во Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 2,6  проценти, а во секторот Преработувачка индустрија од 0,1 процент.

Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во претходниот месец на годишно ниво бележи опаѓање кај Енергија за 3,8  проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5,1 проценти, додека пораст бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 0,1 проценти, Капитални производи за 8,1 проценти и Tрајни производи за широка потрошувачка за 5,9 проценти.

Индустриското производство во јуни годинава, во однос на јуни лани бележи раст од 9,5 отсто, а од 6,6 отсто во првата половина од годината споредено со истиот период од минатата година, објави денеска Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во јуни 2021 година, во однос на јуни 2020 година, бележи пораст од 9,9  проценти, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 10,8  проценти, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од  8 проценти.

Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во одделите: Производство на тутунски производи, Производство на текстил, Производство на облека, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на други неметални минерални производи, Производство на метали, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, производството во јуни 2021 година, во однос на јуни 2020 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 25,4  проценти, Трајни производи за широка потрошувачка за 52,9 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 13,7  проценти, додека опаѓање бележи кај Енергија за 23,8  проценти и Капитални производи за 1,6 проценти.

Познато е дека статистиката со народен јазик се дефинира како сарма подготвена од расол и ориз, па така се добива чудесниот вкус, во случајов од отпуштени работници и зголемено производство.