Партијата Македонски концепт, јавно реагира и искажува незадоволство поради несоодветните изјави на бугарската потпретседателка Илијана Јотова.
Тоа, се вели во реакцијата, е бугарски шовинизам насочен против Македонија и Македонците и државна политика на Бугарија, а не инцидентна пројава на одделни бугарски политичари.
– Последната изјава на госпоѓата Јотова, дадена во центарот на Скопје, во која македонските граѓани ги прогласува за дел од т.н. „бугарска нација“ е нарачана провокација за продолжување на тензиите помеѓу двете земји и за минирање на напорите на ЕУ за проширување во западен Балкан. Исто така, тоа е мешање во внатрешните работи на земја – кандидат за членство во ЕУ, што е тотално неприфатливо однесување, особено за земја членка на Унијата. Бараме ЕУ да реагира на ваквите провокации, да побара од Бугарија напуштање на политиките од 19-ти век, да се огради од ваквите бугарски ставови дадени под европско знаме, ако сака каква било почит кај Македонците, се додава во реакцијата.
Исто така, се истакнува во реакцијата, бараме од сите разумни Македонци со бугарско убедување, да се оградат и јасно и недвосмислено да се изјаснат како дел од современата македонска нација и да дадат поддршка на новиот граѓански Устав, како дел од планот за Македонија од 22-ри век.
– Македонската влада, особено МНР и министерот Бујар Османи да побараат извинување од Јотова, објаснување од бугарското МНР и понатамошно воздржување на бугарските официјални претставници од било какви провокации од ваков тип, се вели во реакцијата од Македонски концепт.