Приходите од продажба на Македонски Телеком (МТ) во 2019 година, во споредба со претходната година, се зголемени за 3,6 отсто и изнесуваат 10,8 милијарди денари. Оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) е зголемена за 4,7 отсто во споредба со претходната година, додека нето добивката бележи раст од 6,3 отсто, соопшти денеска МТ.
Со раст од 1,2 отсто на корисничката база, вкупниот број корисници во мобилниот сегмент изнесува 1,2 милиони претплатници. Зголемена е базата и на корисници кои имаат пристап до широкопојасен интернет за 4,1 отсто при што вкупниот број изнесува 204000. Во ТВ сегментот на пазарот компанијата има раст од 6,2 отсто и има 136 илјади претплатници.
Како што соопштува Македонски Телеком, минатата година третина од домаќинставата се покриени со оптичка мрежа. По поставувањето на првата пробна 5G мрежа во Скопје, компанијата ги продолжува тестирањата во реални услови и сите неопходни чекори за воведување на 5G технологијата.