Претседателот на Регулаторната комсиија, Марко Бислимовски, денес призна дека македонскиот бизнис овие денови плаќа енормно скапа струја на слободниот пазар. Претходно на ова предупреди и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши. Според Бислимовски, тоа се должи на проблемите со задушувањата во преносните капацитети и локалните берзи во регионот.
Изминатите денови на регионалната унгарска HUPX берза цените се зголемија за околу 150 отсто, односно дојдоа до ниво од преку 200 евра за мегаватчас.
„Она што загрижува во изминатиот период, некаде почнувајќи од јуни, е што во нашиот регион, од Унгарија надолу, односно Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Албанија… секаде каде што има берзи, цената на електричната енергија е далеку повисока отколку цените на електрична енергија во останатиот дел на Европа, односно во Западна Европа и во Скандинавија.
Една работа која што сигурно има влијание се проблемите со задушување на прекуграничните преносни капацитети, што влијае нереално да се зголемува цената на електричната енергија. Односно, настануваат задушувања, а кога има задушувања се прават аукции и цените на тие аукции се невообичаено високи, што понатаму прави притисок на крајната цена.
На пример ако се спореди цената на електричната енергија во Франција, во Германија и во Скандинавија, имало денови цената таму да е педесетина евра за мегават час, а истовремено кај нас на берзите да достигнува и до 180-200 евра. Значи, јас не зборувам за некои мали разлики, туку за повеќе од два пати различни цени.
Да, се однесува и на Македонија. Влијанието на Хупекс берзата како најголема берза на берзите во регионот, како хрватската, српската, црногорската кои се уште се поврзани со таа берза е големо, бидејќи големите трговци од регионот најголемите тргувања ги прават на берзата во Унгарија, а понатаму и на останатите берзи. Но таа цена очигледно дека се уште е како еден вид репер во целиот регион“, беа дел од одговорите што ги даде Бислимовски во денешното интервју за Независен.
Бектеши вчера предупреди дека ваквиот развој на нештата ќе предизвика нов бран на инфлација и поскапувања на производите.
„Цената за електрична енергија за стопанството е над 220 Евра/MWh, што ќе придонесе во зголемување на цените на производите. ЕСМ увезува струја за потребите н домаќинствата со цена над 154 Евра/MWh“, алармираше меѓудругото вчера Бектеши.