Македонскиот јазик удирал директно во Преспанскиот договор. Иако властите во Македонија се обидуваа да ни продадат едно, реалноста која ја знаевме, а сега и јасно ја гледаме е сосем друга. Во Грција се крена паника за отворањето на Центарот за македонски јазик, бил обид за создавање на македонско малцинство. Регистрацијата на ова здружение во Лерин е спорно според окружната грчка обвинителка Анастасија Калаици. Таа смета дека со оваа регистрација на овој центар, чија цел била зачувување и негување на македонскиот јазик во Грција и воведување на македонскиот јазик како изборен предмет во јавните училишта и универзитети кај јужниот сосед, се прекршува Договорот потпишан во Нивици, објабвува АЛФА.
Според информациите обвинителка се повикува директно на потпишаното покрај Преспанското Езеро, а тоа е ограничувањето на македонскиот јазик само во рамките на границиите на Македонија, што за жал јасно е пишано во договорот, а потпишано од македонска страна.
-Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство. Во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура и наследство, се вели во член 7 од Преспанскиот договор.
Дека македонскиот јазик е проблем за властите во Грција свесни се и Македонците кои не се признати кај јужниот сосед. За ова тема говореше и првиот човек на Виножито, Павлос Васкопулост Филипов.
-Има реакции од националистички организации и движења и ќе се знае во следниот период дали судот ќе стои на таа одлука. Тоа ќе се види. Затоа што во Грција за овие национални малцински прашања нема независно судство, да не се лажеме. Решава ‘длабоката грчка држава’ и нејзините органи како ќе признаваат или нема да признаваат, вели Васкопулос.
Инаку отворањето на центарот за македонски јазик во Лерин беше и причина за протест на Златна Зора, но за среќа од страна на полицијата беше спречен евентуален поголем инцидент.