Со амбиции за освојување медал, македонската репрезентација за одбојкари до 20 години од утре до сабота ќе учествува на Балканското првенство во Приштина, а избраниците на селекторот Ванче Санев за противници ќе ги имаат репрезентациите на домаќинот Косово, Бугарија, Турција, Црна Гора и Албанија.
Подготовките за Балканијадата беа реализирани во Штип, а од вкупно 22 повикани одбојкари, селекторот Санев одреди 12 коишто ќе го носат црвено-жолтиот дрес на шампионатот.
Во утрешниот премиерен натпревар противник на „црвено – жолтите“ ќе им биде домаќинот на Балканијадата, по што до сабота редоследно македонските одбојкари ќе се соочат со Бугарија, Албанија, Црна Гора и Турција.
– Трениравме добро и многу верувам во овие играчи. Затоа нашите амбиции се да освоиме медал, дури сметам дека реално можеме да играме за златниот. Одбојкарите се познаваат добро, голем дел од нив имаат искуство од настапи на балканските собири и во помладите категории веќе освоија медал, така што претстојниот турнир е шанса за нас да напредуваме, изјави селекторот Санев за официјалниот сајт на Македонската одбојкарска федерација.
Сениорските репрезентативци Лука Костиќ и Филип Савовски, интернационалецот Давид Стојанов и Стојче Арсов, Филип Лепидовски и Тино Шулајковски како експонирани играчи од домашното првенство, ќе бидат предводници на „црвено-жолтите“ во битката за медал.
Состав на македонската репрезентација за играчи до 20 години: Бојан Џамбазов, Давид Стојанов, Филип Савовски, Лука Костиќ, Филип Пуздарлиски, Ангел Бошков, Филип Лепидовски, Тино Шулајковски, Стојче Арсов, Блертон Бафтијари, Никола Младеновски, Михајло Мирасчиев. Селектор: Ванче Санев, асистенти: Кристијан Ристески, Љупчо Зенделов.
Македонската одбојка ќе има уште еден претставник на Балканијадата во судијата Стојанче Јовчевски.