Подготвил: Кирил Добрушевски
-Пратениците Панче Дорев, Димитар Влахов, Тодор К. Павлов и Ристо Делчев, преку соработка со турската влада се бореле за зачувување на интегритетот на Македонија во рамките на Османската империја
Младотурците во Турција како власт почнале да функционираат од 5.08.1908 година. По нивното доаѓање на власт македонскиот народ во турскиот парламент бил претставен во четворица пратеници: Панче Дорев, Димитар Влахов, Тодор К Павлов и Ристо Делчев. Со оглед на тоа што се работи за образовани македонски патриоти, логично би било да се очекуваат поволни ефекти во однос на третирањето на Македонците во рамките на Турција. За жал, очекувањата и на пратениците и на македонскиот народ не се остварувале. Зошто?
„Нова„ власт – стара администрација
Младотурците, всушност, ништо суштински не измениле во старото устројство на турската држава. Задржана била старата администрација, продолжиле да се потпираат на старите антиуставните феудално-конзервативни сили и допуштиле Абдул Хамид II да ги задржи сите прерогативи што му ги давал Уставот од 1876 година. Реакционерните сили на чело со султанот, потпирајќи се на воените единици стациоирани во Цариград на 13.04.1909 година ги суспендирале владата и Народното собрание. Но, по изведувањето на овој пуч, приврзаниците на младотурскиот режим на 24.04.1909 година, со помош на Солунската армија ја презеле турската престолнина и ги спречиле султановите реакционерни сили за враќањето на Хамидовиот апсолутистички режим.
Младотурците распишале парламентарни избори кои завршиле во декември 1908 година, а Парламентот првата седница ја одржал на 17 декеври. После тоа започнува борбата на Младотурците за преобразба на Турција.
Од вкупно 240 само 4 пратеници биле Македонци
Наспроти сите опструкции, како забрана за форирање на организации врз национална основа, на изборите меѓу 240 пратеници во Османскиот парламен биле избран и четворицата пратеници Македонци: Панче Дорев, Димитар Влахов, Тодор К. Павлов и Христо Делчев.
Групата на Панче Дорев, пратеник од Битола, била собрана околу весникот „Светлина„. Таа имала цел да се стави на чело на македонското граѓанско општество, на неговиот побогат слој. Тие работеле на оспособување на македонскиот народ за поуспешно остварување на правата на македонскиот народ. Се спротивставувале на врховистичките струи и настојувале да остварат соработка со Младотурците за заштита на интегритетот на Турција. Упорно се бореле преку реформирање на Турција да го обезбедат територијалниот интегритет на Македонија. Групата на Панче Дорев се залагала за создавање на турско-македонска изборна коалиција како противтежа на веќе создадената бугарско-грчка коалиција која работела за поделба на Македонија. Меѓутоа, не наишла на разбирање кај Младотурците.
Враќање на терминот Македонија наместо официјалниот Румелиски вилает
„Изнесувајќи ја тешката положба на македонскиот народ македонските пратеници за првпат во турскиот парламент го употребуваат терминот Македонија наместо официјално усвоениот термин Румелиски вилает. На овој начин тие придонеле да се легализира името Македонија не само како географски поим туку и како територија во која македонскиот народ требало политички да се конституира како посебна единица во идната источна федерација.
Борејќи се за виталните интереси на македонскиот народ македонските пратеници застанале во заштита на самоуправата на македонскиот народ. Тие инсистирале црковните општини да се одвојат од надлежноста на Егзархијата, односно Патријаршијата. Во овој контекст пратеникот Тодор К. Павлов изјавил:
– ….Наоѓам за поумесно да го разгледам црковното прашање и за општествениот мир на еден беспристрасен начин, давајќи истовремено и некои објаснувања и подробности со цел да го известам општественото мислење. Тоа го правам оти се восхитувам од желбата да се постигне меѓу османлискиот елемент едно сериозно и искрено братство. Затоа нема да започнам од „потопот„ туку ќе зборувам за предметот што не интересира, имено, за црковно-учишната расправија. Согласно челеновите 9 и 11 од Конституцијата од 11 јули, личната и религиозната слобода се гарантирани. Меѓутоа, за жал тие два члена фигурираат само на бела хартија, но, всушност не се применуваат. Би требало, според Конституцијата, да се уништат и укинат сите одлуки кои се против духот на споменатите членови. Но, тоа не се случи. Треба да ја признаеме горчливата вистина дека христијанското население во Македонија нема многу полза од тие две клаузули само поради тоа што не е укинат законот за „статус кво„ од 1321 година. Според она што го рече Хилми-паша по силата на „статус квото„, христијаните во Македонија биле должни да ја задржат управата на онаа религиозна власт што ја признаваа до 19 август 1903 година. Во случај населението да дејствиво против „статус-квото„ тогаш ќе се затвореле неговите училишта и цркви. Таквата нелогична мерка е спротивна на шеријатот и на конституцијата, зашто на тој начин христијанското население се лишува од слободата на совеста и од правото да се учи и воспитува во учулиштата.
Станувајќи во одбрана на револуционерното движење, пратеникот Панче Дорев во Парламентот изјавил:
-Да дојдеме сега на прашањето за револуционерната организација во Македонија. Хилми-паша рече дека авторите на сите организации биле надворешни луѓе. Нема да откажеме дека има надворешни влијаниа и помош, но дали самиот тирански режим не ја создаде таа револуционерна почва…? Дамјан Груев е родум од битолско село Смилево, Гоце Делчев е од Кукуш, како и многу други се од внатрешноста, а тие ги ставија основите на внатрешната организација која секогаш стоеше на самостојна и независна почва. Таа се бореше против сите претензии и во 1902 година повеќе и од самата влада им се спротивстацви на врховистичките чети. Навистина, не можам да откажам дека немало надворешни влијанија и надворешна помош, но, јас мислам дека тоа беше резултат на деспотскиот режим„.
Зборувајќи за црковно-училишните оптини и црковното прашање, пратеникот Панче Дорев, меѓу другото вели:
„Црквите не се ниту на Егзархијата, ниту на патријаршијата, туку на селаните со чиј труд и средства се направени. Патријаршијата и егзархијата во овој случа беа само еден вид полномошници за издавање на нужните фермани. Како што велеше мојот покоен учител по право Али Алдат-ефенди, депото на силата на опономоштеникот (векило) е ополномоштитетелот. Ако ополномоштителот се откаже, тогаш векилот изгубува секаква сила. Затоа црквите досега се управуваа од епископството избирано од селаните. Ве молам, ќе ви поставм едно прашање: луѓето ли се за црквите или црквите се за луѓето?
Мемоар на македонските пратеници
Особено значење за карактерот на македонската парламентарна група во Отоманскиот парламент има истапувањето на пратеникот Димитар Влахов кој од 1908-1911 година земал активно учество во парламентарниот живот на Турција. Во еден мемоар, македонските пратеници во Парламентот ги изложиле незаконитите мерки и акции на малдотурската влада против македонските селани, акцентирајќи ги масовните претреси во македонските села и градови за собирање на оружјето. Во врска со ова Димитар Влахов во своите мемоари ќе каже:
-Сите тие незаконски дејствија, ние, македонските пратеници во турскиот парламент, Ристо Делчев, Тодор К. Павлов и јас, ги изнесовме во еден мемоар што го упативме до турската влада и до општественото мислење. Во тој мемоар ние ги истакнавме поголемиот дел од зулумите што беа вршени од владините органи во Македонија.“
Големи извадоци од овој мемоар биле објавени о органот на партијата, а целосниот мемоар бил објавен во најстариот цариградски весник „Стамбул„ кој излегувал на француски јазик.
Зборувајќи за својата должност во Турскиот парламент Димитар Влахов вели:
„Израз на непријателскиот однос на младотурската влада и младотурскиот комитет кон македонскиот народ и на незадоволството на самиот македонски народ од политиката на младотурската влада кон него беше мојот говор одржан есента во 1910 година во Турскиот парламент. Во тој говор јас истапив како изразител на негодувањето на македонскиот народ од внатрешната економска, политичка и социјална политика на младотурската влада кон него за кој добив и многубројни поздрави како од видни претставници на македонскиот народ, така и од Солунската социјалистичка федерација и работничките синдикати. Во тој говор јас изнесов податоци за извршените зулуми во таканаречената акција за обезоружување, зборував против мухаџирската политика, против панисламската и пантурската политика на малдотуската влада. Притоа, наведов опстојни податоци за таа политика и изнесов низа факти за прогонувањата на кои беа подложени работничките организации во Македонија од страна на турските власти. Во овој говор од трибината на Парламентот јас ги осудив органите на власта кои ги нарушуваат законите на земјата и зборував за задачите на социјалистичкото движње во Турција и специјално во Македонија, ги изнесов нашите барања и побарав да се прекратат прогоните против македонскиот народ, да се разреши аграриот проблем при што земјата да им се даде на селаните што ја обработуваат, да им се даде слобода на дејствување на работничките организации и на социјалистичките партии во Турција, Владата да престане со својата мухаџирска политика чија цел беше да се измени етничкиот состав на Македонија и побарав да се воведат социјални реформи и да се создаде работничко законодавство„ .
Навреме детектирана опасноста од дејствувањето на пропагандите на соседните земји
Македонските пратеници уште тогаш ја согледале опасноста од дејствувањето на бугарските врховисти и бугарските вооружени чети во Македонија. Така, македонскиот пратеник Панче Дорев во една интерпелација упатена до претседателот на турскиот парламен во Цариград (13.03.1911 година) укажува дека македонскиот народ ги осудува акциите на бугарските врховистички чети, барајќи од турската влада да поднесе протест кај бугарската влада за ваквите акции и недозволени интервенции. Влегувањето на овие чети во Македонија, се истакнува во интерпелацијата, имале карактер на недозволена интервенција во меѓународните односи.
Младотурскиот режим, очиглено, од тесно националистички сфаќања, не можел да го спречи мешањето на надворешните упади во Македонија. Поради тоа, во наредните години на балканските држави не им било тешко да го остварат територијалното распарчување на Турција и анксијата на одделни делови од Македонија во нивна корист.
Панче Дорев, (Пателе, Леринско, 25. Ⅱ 1878 – Софија, 28. Ⅻ 1938) – правник, политичар, и историчар – прв македонски османист.
Тодор К. Павлов, политичар, новинар, акаемик . Роден е во 1078 година во 1878 година во Скопје. Во 1895 година ја завршил солунската машка гимназија, а потоа завршил право на Универзитетот во Лозана
Димитар Влахов (Кукуш, 8 ноември 1878 – Белград, 7 април 1953) — македонски револуционер, општественик и државник. Образованието го продолжил во Германија и Швајцарија каде учел хемија. Во 1903 година дипломирал на Софискиот универзитет.