Компанијата Макпетрол во февруари ќе ги намали цените на метанот (КПГ – компримиран природен гас) и на природниот гас како резултат на одличниот договор што компанијата го постигна со „Гаспром“, информираат од компанијата.
Споредено со јануари, како што велат, малопродажната цена на метанот е пониска за 12,74 отсто, односно 14 денари за килограм и сега изнесува 96 денари за килограм. За 204 евра за 1.000 нормални кубни метри, пак, се намалува цената за природниот гас.
– Имајќи ја предвид нашата долгогодишна професионална соработка со „Гаспром“, како и поради фактот што „Макпетрол“ е единствената компанија што од земјава потпишува и остварува вакви договори, така и на овој план постигнавме одлична спогодба, што ни обезбеди цена за 30 проценти пониска од берзанската. И покрај глобалната енергетска криза, за нашите деловни партнери во февруари тоа ќе се рефлектира со подобрена понуда и во малопродажбата на метанот и во големопродажбата на природниот гас, порачуваат од „Макпетрол“.
Нагласуваат дека и покрај енергетската криза што го зафати секој дел од светот, а нејзиното влијание особено се чувствува на европскиот континент, нивната компанија врши, како што велат, стабилна и навремена испорака и на ЦНГ-метанот и на природниот гас.
-Продолжувајќи во насока на досегашната политика на компанијата, „Макпетрол“ и во периодот што следува ќе продолжи да инвестира и да го унапредува овој сегмент од своето работење, посочуваат од „Макпетрол“.