Француската морнарица на отворено море во Атлантикот пресретнала танкер за нафта на руската т.н. флота во сенка – соопшти францускиот претседател Емануел Макрон.
Според поморските власти, танкерот што пловел кон Мурманск бил пресретнат на речиси 400 наутички милји (околу 740 километри) западно од Бретања.
Спроведената проверка на документите ги потврдила сомнежите за неправилно истакнување на знамето. Случајот е предаден на јавниот обвинител во Брест, кој е надлежен за поморски прекршоци.
Француските поморски власти соопштија дека танкерот „Тагора“ моментно е придружуван од бродови на француската морнарица кон пристаниште за понатамошна проверка.
Претседателот Макрон изјави дека таквите бродови ги заобиколуваат меѓународните санкции и ја финансираат војната што Русија ја води против Украина повеќе од четири години додавајќи дека тие претставуваат и еколошка и безбедносна закана.
Ова е четврто запирање на брод поврзан со руската флота во сенка од страна на Франција по слични операции спроведени претходно на Медитеранот и крај брегот на Бретања. Француските власти најавија и заострување на казните за прекршоци поврзани со пловење без знаме и непочитување на поморските правила.
фото: архива




