Претседателот на Франција Емануел Макрон го повика сирискиот претседател Ахмед ал Шара да се приклучи на меѓународната коалиција за борба против терористичката „Исламска држава“ (ИД).

Двајцата лидери се сретнаа на маргините на меѓународната конференција за климата КОП 30 во Белем, Бразил, каде вчера се одржа самит на лидери пред официјалното отворање на конференцијата.

– Само неколку дена нè делат од 13 ноември“, им порача францускиот претседател на медиумите во Белем, потсетувајќи на терористичките напади во Париз во 2015 година. – Никој не заборава дека атентатите извршени во Париз во 2015 година беа испланирани во Сирија, и следствено, овде станува збор и за безбедноста на Французите, изјави Макрон.

Тој објасни дека очекува Сирија да биде полноправен учесник во борбата против терористичките групи во регионот.

Макрон, исто така, ја поздрави одлуката на Советот за безбедност на ОН да ги укине санкциите против Ал Шарааж. Ова укинување се случи пред историската посета на Ал Шара на Белата куќа следниот понеделник.

Според Макрон, ова е важна етапа која ја потврдува стратегијата на Франција – уште од почетокот да започне дијалог со преодниот претседател на Сирија. Целта е да се постигне единство и територијален интегритет во земјата, да се води поефикасна борба со производството на дрога и терористичките групи и да се овозможи враќање на бегалците во Сирија.

Силите на Ахмед ал Шара го соборија режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад во декември минатата година. Потоа, Ал Шарааж ја расформира својата групација „Хајат Тахрир ал Шам“ (ХТШ). Како лидер на ХТШ, Ал Шара беше на листата на санкции на ОН од 2013 година. ХТШ, која претходно беше позната како „Фронт на Ал Нусра“ (поранешен огранок на Ал Каеда во Сирија), ги прекина врските со Ал Каеда во 2016 година и се обиде да го ублажи својот имиџ.

Денеска и Велика Британија објави дека го отстранува сирискиот лидер од својата листа на санкции. Лондон, исто така, ги укина санкциите против сирискиот министер за внатрешни работи Анас Хасан Хатаб, кои му беа воведени од истите причини како и на Ал Шара.