Договорот со Фронтекс е доказ дека во Европската Унија се почитуваат македонскиот јазик и идентитет, а Макеоднија може да смета на моја целосна и континуирана поддршка во пристапниот процес кон ЕУ – стои меѓудругото во писмото кое францускиот претседател Емануел Макрон на 28 јануари го испратил до македоскиот колега Пендаровски.
Во писмото кое го објави 360 степени, Макрон му честита на Пендаровски за одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ, нагласувајќи дека со постигнатиот договор со Бугарија се почитува македонскиот идентитет. Францускиот претседател најавува и дека ќе ја посети Македонија во заеднички утврден термин.
-Го поздравувам и потпишувањето на 26 октомври на договорот Фронтекс со Европската Унија, со кој се признава македонскиот јазик, спомнат без забелешки, што покажува дека постигнатиот компромисен предлог целосно го почитува унитарниот карактер на македонскиот идентитет. Можете да сметате на мојата целосна и континуирана поддршка во текот на пристапните преговори. Со задоволство наскоро ќе дојдам во Македонија, штом ми дозволи агендата, пишува Макрон.
Францускиот претседател на маргините на вонредниот самит на ЕУ во Брисел вчера се сретнал и со бугарскиот претседател Румен Радев, кој пак како што пренесе неговиот кабинет, му се пожалил на Макрон за како што е наведено, „антибугарската кампања“ во Македонија како и отсуство на политичка волја за реформи и уставни измени.
Радев пред почетокот на самитот во Брисел изјави дека постои состојба на вето и порача дека од Унијата ќе побара мониторинг и гаранции за заштита на правата на Бугарите во земјава. Неговата изјава дојде ден по извештајот од Советот на Европа дека обвинувањата на нашиот источен сосед се неосновани, а во Македонија не постои системска дискриминација на Бугарите.