Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека неговиот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин не довел до напредок во врска со можен прекин на огнот во Украина.

– Ги споделивме нашите несогласувања и не можам да кажам дека е постигнат напредок, бидејќи прво е потребно примирје и продолжување на преговорите, рече Макрон во кратка изјава за новинарите.

Тој ја потенцираше „апсолутната важност“ на санкциите кои ги спроведува ЕУ, како и на оние што ги подготвуваат САД.

– Прво го повикав во врска со прашањето за Иран и потребата да се одржи Договорот за неширење на нуклеарно оружје, на кој Русија е обврзана. Тоа беше важно затоа што Франција има одговорност да ја одржи таа конзистентност, додаде Макрон.

Телефонскиот разговор помеѓу Макрон и Путин се случи во вторникот и се однесувал и на состојбата на Блискиот Исток, во контекст на иранско-израелскиот судир и американските напади врз нуклеарни постројки во Техеран.

Ова беше нивниот прв директен контакт по повеќе од две години. Последниот позначаен разговор меѓу двајцата лидери беше во септември 2022 година.