Странските сили, турските и руските, треба што побрзо да ја напуштат територијата на Либија, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
Тој истакна дека само либиските вооружени сили имаат легитимитет и тие треба да овозможат безбедност во Либија.
– Сите треба да дадеме се од себе странските сили, кои се наоѓаат на територијата на Либија, да заминат што е можно побрзо. Турските сили, руските сили, странските борци, донесени од нив или некој друг на територијата на Либија, треба да заминат што е можно поскоро, рече Макрон по состанокот со лидерот на либискиот претседателски совет, Мухамед Менфи, во Елисејската палата.
Како што пренесуваат странските агенции, Русија игра значајна улога во решавањето на либиската криза, работи како медијатор и се обидува да ги одржи односите со сите конфликтни страни во таа земја.
Властите во источниот дел на земјата работат независно од Триполи и соработуваат со Либиската национална армија, која води долготрајна војна со милитантите. Новата преодна влада стапи на должност на 16 март, со мирен трансфер на власта, а мандатот се очекува да трае до изборите на крајот на годината.