Францускиот претседател Емануел Макрон го нарече „непростливо“ тоа што француската полиција застрелала 17-годишно момче за време на сообраќајна контрола во париското предградие Нантер, јавно критикувајќи ги органите на редот само неколку часа откако инцидентот предизвика улични немири.
Против полицаецот се води истрага за убиство, бидејќи пукал во момчето. Обвинителите велат дека младиот човек не ја послушал неговата наредба да го запре автомобилот во вторникот навечер.
Француското МВР повика на смирување на ситуацијата откако во ноќните немири кои избија по убиството беа уапсени најмалку 31 лице.
Уличните немири избувнаа главно во париското предградие Нантер, каде што живееше жртвата. Таму младите запалиле автомобили и фрлале пиротехнички средства кон полицијата, која одговорила со солзавец.
Имаме убиен адолесцент, тоа е необјасниво и непростливо. Ништо не ја оправдува смртта на еден млад човек, истакна францускиот претседател пред да го повика судството да си ја заврши работата.
Изјавата на Макрон е невообичаено искрена во земја каде што високите политичари честопати се воздржани да ја критикуваат полицијата поради загриженоста на гласачите за безбедноста, пренесува Хина.
Францускиот претседател претходно се соочи со критики од политичките противници кои го обвинуваат дека е мек кон дилерите на дрога и ситните криминалци и дека води политика насочена кон спречување на урбаниот криминал, давајќи ѝ на полицијата поголеми овластувања кога е во прашање казнување на граѓаните.
Нередите биле предизвикани од смртта на 17-годишник во вторникот наутро за време на полициски контролен пункт. На видеото од инцидентот од мобилниот телефон на сведок, потврдено од каналот Франс инфо, се гледа како полицаец вперува пиштол кон возачката врата на запрен автомобил.
Кога младиот човек зад воланот ненадејно излегол, полицаецот пукал од непосредна близина и смртно го ранил.
Франс Инфо објави дека полицаецот бил приведен поради сомнение за убиство од небрежност. Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин рече дека полицијата започнала внатрешна истрага за инцидентот.
Убиството предизвика бес во Франција и обвинувања за прекумерно полициско насилство.
По ноќните улични немири, Министерството за внатрешни работи соопшти дека во парискиот регион се мобилизирани 2.000 полицајци.