„Би сакал денеска да испратам порака за пријателство од Франција до Србија и на најодлучен начин да објавам дека на вашата земја местото и е во Европа, во Европската Унија, изјави францускиот претседател Емануел Макрон на почетокот на својата посета на Белград.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на заедничката прес-конференција изјави дека му должи посебна благодарност на Макрон што посакал да посети друг град во Србија, бидејќи утре ќе биде во Нови Сад.
– Имавме долги разговори, ќе ги продолжиме вечерва до доцна во ноќта, ќе ги имаме и утре за сите стратешки прашања, и билатерални и за патот кон ЕУ, рече Вучиќ.
Пред средбата на Макрон и Вучиќ, српскиот министер за одбрана Братислав Гашиќ и извршниот директор и претседател на Дасо Авиасион потпишаа договор за купување на авиони Рафал и сродни стоки и услуги.
– Договорот потпишан вечерва, покажува дека соработката меѓу двете земји се протега низ сите сфери на општественото живеење, истакна Вучиќ, дополнувајќи дека купувањето на авионите е голема вест.
Вучиќ рече дека вкупната вредност на договорот е 2,7 милијарди евра, а се работи за набавка на 12 сосема нови авиони кои ќе бидат во сопственост на Република Србија.