Иднината на Украина не може да се одлучи без Украинците, повтори денеска францускиот претседател Емануел Макрон, кој разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски во пресрет на средбата меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин во Алјаска на 15 август, чија цел е да се стави крај на војната во Украина.

„Би било потребно и Европејците да бидат дел од решението, бидејќи станува збор за нивната безбедност“, напиша Макрон на мрежата Икс.

Макрон рече дека денеска разговарал и со германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер.

Во изминатите неколку дена, Зеленски имаше серија разговори со сојузниците на Киев по посетата на пратеникот на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, на Москва и најавата за средба на 15 август меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс денеска во Велика Британија ќе се сретнат со украинските и европските сојузници за да разговараат за напорите на претседателот Доналд Трамп за мир во Украина, изјави претходно портпарол на Даунинг стрит.