Можеби веќе дошло времето кога ние Македонците ќе им станеме камен околу вратот на Албанците, вели универзитетската професорка Мирјана Малеска, инаку сопруга на поранешниот македонски министер Денко Малески.
– Зошто жестока врева околу изјавата на претседателот на ДУИ Али Ахмети дека водството на военото и политичко движење од 2001 година ОНА направило избор Албанците во Македонија да бидат државотворци и господари во сопствената држава? Би требало да се радуваме, што направиле таков избор и што засега се држат до него. Држава на лојални граѓани е благодет, бидејќи можеби веќе дошло времето дека ние, Македонците, ќе им станеме камен околу вратот на Албанците, пишува госпоѓата Малеска во својата колумна со наслов „Херои и убијци“, која е објавена на интернет-порталот на Институтот за медиуми и политика.
Малеска прави паралела меѓу „историската ВМРО“ и „военото и политичко движење од 2001 година“ – УЧК и пишува: „Стојан Христов, наш иселеник, кој по Илинденското востание заминува во Америка, ја напишал книгата `Херои и убијци`, за која доби Пулицерова награда за публицистика и која е објавена во 1935 година. Темата е улогата на историската ВМРО. Луѓето кои се бореле за слобода на Македонија, со сите средства, вклучувајќи политички убиства и тероризам, за едни биле херои, ама за други убијци. За секој совесен човек ова би бил тежок крст на плеќи, без оглед на оправданоста на целите“.
Секогаш, пишува Малеска во колумната, може да се најде порадикален од Али Ахмети.
„А дека е тоа така непријатно ќе се изненадиме еден ден, ако продолжи да се крева бранот против Албанците. Национализмите се хранат со омраза еден со друг. Колега од универзитет повторуваше дека Албанците, такви какви што се, ни се камен околу вратот и дека е најдобро да се поделиме и очи да не си видиме. Како што тргнале работите, ќе дојде време, ако не е и дојдено веќе, дека ние, Македонците, ќе им станеме камен околу вратот на Албанците“, пишува Малеска.
Не се далеку од вистината автори на некои коментари во медиумите, кои тврдат дека со својот говор во Сопот и картата на „Голема Албанија“ Али Ахмети сакал да ги исплаши Македонците: „Еве што ве чека ако не се согласите на уставни измени и внесување на бугарското малцинство во уставот!“
Целата колумна на госпоѓата Малеска може да ја прочитате ТУКА.