Тоа беше одамна. Во Саровскиот манастир пристигна новиот архиереј. Многу слушал за Божјиот угодник Серафим, но ни самиот не веруваше во приказните за чудата на батјушката.
Монасите го дочекаа архиерејот со ѕвона, со сите почести и го воведоа во храмот. Го нагостија како што треба. Следниот ден – служба..
Погледнувајќи сè, архиерејот запраша: “А каде живее отец Серафим?“ A батјушката тогаш не живееше во манастирот, туку во својата пустина. Беше зима, снег во саровските шуми – цело брдо!
Со мака се проби архиерејот. Мораше последното патче и пешки да го помине…
Батјушката го известија дека самиот архиереј ќе му дојде во посета. Божјиот угодник се поклони до земјата.
“Благослови ме, – рече, – мене, бедниот и грешниот, свети Владико! Благослови, батјушка!” Тој секогаш архиерејот го нарекуваше – батјушка.
Архиерејот го благослови и појде пред него во ќелијата. Придружбата остана да чека. Влегоа, се помолија и седнаа. Батјушката рече:
“Имам голем гостин, а еве, кај бедниот Серафим ништо нема.”
“Не возбудувај се, сит сум. Но, разни приказни кружат за тебе.”
“Какви приказни, батјушка?“ – праша угодникот, како да не знае.
“Еве, велат, чудеса правиш.”
“Не, батјушка, бедниот Серафим чудеса не може да твори . Чудеса прави само Господ Седржителот. Нему, Милостивиот, сè му е возможно. Он и прекрасниот свет од ништо го направи. И нам, батјушка, погледај каква благодат ни дал…”
Архиерејот се заврте кон аголот, каде покажуваше угодникот, а таму – израснала голема грмушка со крупни, зрели малини.
Архиерејот занеме и ништо не можеше да каже. Зима – а израснала малина на голиот патос! Како во приказна!
Батјушка Серафим зеде чинија и ги собра малините. Собра и му принесе на гостинот.
“Пробај, батјушка, пробај! Немој да бидеш збунет. Бог има од сè многу! И преку бедниот Серафим, по неговите молитви и по милоста Своја неискажлива, Он може сè. Ако имате вера и планините можете да ги поместите во море. Само не треба да се сомнева, батјушка. Пробај, пробај!”
Архиерејот изеде сè, а потоа му се поклони на батјушката. Но, батјушката успеа да го допре и му рече:
“Не треба ти да се клањаш пред бедниот Серафим, ти си архиереј Божји! Имаш голема благодат! Благослови ме, грешниот, и помјани!”
Архиерејот го послуша и стана. Го благослови батјушката и само два- три збора рече:
“Прости ми, Божји старче, згрешив пред тебе! И моли се за мене, недостојниот, и во овој живот и во идниот“.
“Слушам, батјушка, слушам. Само ти до мојата смрт никому за ова не говори, инаку ќе боледуваш…”
Гледа архиерејот, а грмушката веќе ја нема, а на чинијата каде што беа малините, останал малку сок. И прстите му се со малини.
Излезе архиерејот. Придружбата го чека. И за што, размислува, тој така долго разговараше со батјушката Серафим?
А тој, гологлав, го фати под рака и го води до самите санки.
Архиерејот, само што тргна, рече: “Голем угодник Божји. Вистината за него ја говореле, чудеса прави”.
Ништо не им рече за малината. Само целиот пат молчеше и се крстеше, малку-малку, па вели: “Голем, голем угодник!”
А кога батјушката умре, на сите им ја раскажа приказната за малините.