Околу 900 вработени во Управата за јавни приходи (УЈП) наскоро ќе ја добијат јулската плата повисока за 30 проценти откако е потпишан колективен договор меѓу синдикатот на Управата и нејзиното раководство со посредство на помирувач.
Двете страни – синдикалниот лидер во УЈП, Васе Недановски, и директорката Сања Лукаревска, денеска на прес-конференција, на која соопштија за постигнатиот договор, си честитаа за успешниот исход од барањето за повисоки плати со кој е спречен генерален штрајк на вработените.
Лиценцираниот помирувач и арбитер во работни спорови Илија Манасиев истакна дека „испишале историја за подобра иднина на вработените во УЈП“ и дека се работи за еден од најголемите спорови од областа на работните односи решени по пат на помирување.
Претседателот на Синдикатот на УЈП „Солидарност“, Недановски, кој ги предводеше протестите за повисоки плати, изјави дека 30 отсто повисока плата ќе добијат околу 900 вработени, а со оглед на различни категории вработени во Управата, околу 160 нивни колеги веќе го оствариле тоа право согласно Законот за буџети.
Директорката на УЈП Сања Лукаревска се заблагодари за професионалниот однос во процесот на помирување и за истрајноста и нагласи дека покрај сатисфакцијата од зголемените плати, ќе имаат и обврска тоа да го оправдаат со повеќе резултати – со поуспешни даночни реформи, сузбивање на даночно затајување итн.