ВМРО-ДПМНЕ како апсолутен победник на локалните избори со освоени 33 општини во првиот круг и водство во 19, плус градот Скопје, би освоило над 60 пратеника доколку утре има парламентарни избори, додека пак СДС и Филипче би биле трета партија во некои изборни единици, рече на денешната прес-конференција Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ во однос на минатите локални избори има скок од 12.000 гласа, додека пак СДС е во дебел минус од 111.000 гласа. Во однос на добиени советнички места, ВМРО-ДПМНЕ има 550 места во советите на овие локални избори или во споредба со локалните 2021 скок од 82 места додека од друга страна, СДС има околу 230 советнички места што е за 166 места помалку од 2021 година. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ има освоено и најмногу советнички места, во 59 општини и градот Скопје, од кои во најголем дел има апсолутно мнозинство во советите. Историската победа на овие локални избори на ВМРО-ДПМНЕ се должи на успешната работа на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ изминатите четири години, како и работата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицкоски, кои ги поддржаа општините како никогаш досега. Затоа, продолжуваме и понатаму со работа и со реализација на она што е ветено. Граѓаните го направија вистинскиот избор. Избраа работа, избраа проекти, избраа вистински луѓе на вистински места, истакна Манасиевски.
Ги повикуваме граѓаните, на 2 ноември, на вториот круг од овие локални избори, повторно да излезат и да ги поддржат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ со заокружување на бројот 9, додава Манасиевски.