Бараат зголемување од 6.000 денари, добиваат 10.000 за две години и одбиваат – вака ССМ работи по насока на СДС. Протестите на ССМ, поддржани од СДС и Левицата, покажаа дека не се поддржани од работниците, кои веќе се свесни дека некој од врвот на ССМ јасно ги искористува, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, што МИА ја пренесува интегрално.
Синдикалците на батерии, како Слободан Трендафилов, Иван Пешевски и Трпе Деаноски, кои земаат над 80.000 денари плата од работниците и дополнителни додатоци во висина над милион денари во само една година, добиени од џебот на работниците, не го прифаќаат новиот колективен договор со кој минималната плата на административните службеници ќе се искачи до 600 евра за само две години од денес.
Предлогот од страна на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на платите за 40 % или над 10.000 денари до 2028 година, не е прифатлив од ССМ, Трендафилов, Пешевски и за Деаноски, само затоа што не сакаат да го потпишат новиот колективен договор предложен од Владата, со кој работниците ќе добиваат зголемување на платите според Законот за минималната плата и дополнително 8 % на добиената сума, со што би се дошло до зголемување од 40 % до 2028 година.
Да резимирам, ССМ бара 600 евра минимална плата, добива – и ја одбива. Бара 100 евра повисока плата, добива и повеќе – и ја одбива. Само затоа што се политички заробеници на оние што ги поставиле да бидат таму, а тоа е СДС.
Ги повикуваме ССМ, Трендафилов, Пешевски и Деаноски да ги оттргнат канџите во кои се заробени од СДС и Левицата и да го прифатат предлогот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за 600 евра минимална плата за административните службеници во 2028 година.
Прашање: Кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ за предлогот на Филипче и СДС за 600 евра минимална плата?
– Токму со ова барање се покажа кој стои зад ССМ и нивните барања, а тоа е СДС и Левицата. Меѓутоа, барањето на СДС за 600 евра минимална плата е крајно несериозно, популистичко и без никакви претходни факти и аргументи. Вчера, бевме сведоци на тоа дека претседател на партија, во случајот Венко Филипче, на прес-конференција излезе крајно неспремен, предложи закон за 600 евра минимална плата, без претходно тој закон технички да му биде спремен, да има увид колку средства би биле потребни од буџетот и на кој начин би стигнал до нив и слично. Е ова е чист доказ дека СДС нема ниту програма ниту визија како да ги промени работите. Меѓутоа, излегоа на прес-конференција, расфрлија со пердувите и сега треба да одговориме на тоа. Навистина крајно несериозен пристап од страна на опозицијата. Имаа 7 години време минималната плата да ја искачат до 600 евра. Тоа не го направија, но затоа ги наполнија своите џебови.
Е, сега, отворено, еве прашуваме до јавноста, колку работници во фирмите на Заеви земаат минимална плата? Според нашите сознанија и информации со кои располагаме, вработените во фирмите на Заеви земаат плата во вид на минимална – вели Манасиевски.




