Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција упати остри критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека е подготвен да прифати уставни измени и „редефинирање на историјата и идентитетот“ во контекст на евроинтегративниот процес.

„Прво спроведување на уставни измени, а потоа редефинирање на историјата и идентитетот. До таму е спремен да оди специјалниот бугарски пратеник на Румен Радев, Венко Филипче“, изјави Манасиевски.

Тој посочи дека Филипче, според ВМРО-ДПМНЕ, е „на иста линија“ со Виктор Стојанов од фондацијата „Македонија“, како и со бугарската министерка Петрова Чамова.

„И двајцата велат дека преговараме со ЕУ, а не со Бугарија. Но, проблемот е во тоа што само Бугарија поради свои интереси ја кочи и ветоизира Македонија на полето на евроинтегративниот процес“, рече Манасиевски.

Во своето обраќање, тој ги спомена и поранешните премиери Зоран Заев и Димитар Ковачевски, обвинувајќи ги дека, како што рече, „слугувале на туѓи интереси на штета на македонските“.

Манасиевски оцени дека граѓаните веќе ги казниле таквите политики на избори.

„Иако граѓаните им одржаа лекција, ги казнија на четири последователни избори, токму поради нивните антидржавни политики, на Филипче и на СДС не им доаѓа памет и продолжуваат со истата поданичка политика“, истакна тој.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека нема да дозволат, како што наведоа, „бугаризација“ на историските личности и негирање на македонскиот идентитет.

„Македонија има своја историја, свој идентитет и свој македонски јазик. Се додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, нема да дозволиме погазување на нашето достоинство“, порача Манасиевски.