„Низ историјата, Македонија постојано се борела за независна држава. Сите сакале да ја распарчат и да ја уништат. Секој сакал да зграби што поголем дел од Македонија. А, сега, некој одвнатре сака тоа да ни го земе! Да не порекне! ЕПА НЕМА ДА ВИ ДОЗВОЛИМЕ. Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски, Крсте Мисирков, Цар Самоил, Гоце Делчев, Браќата Миладиновци, Јане Сандански, Дамјан Груев, Питу Гули, Панко Брашнаров, Петре Пирузе, Чернодрински, Ченто, оставиле македонски печат на МАКЕДОНСКАТА историја и тоа никој не може да го смени. Биле, се и ќе бидат МАКЕДОНИЈА! Без нив, ништо од ова денес немаше да го имаме“, нагласи Валентин Манасиевски на денешниот протест насловен „Ултиматум, НЕ благодарам“.
Манасиевски посочи дека владата во Софија, е таа која денес го спори јазикот, идентитетот, а истите тие биле сојузници на фашистите.
„Истите тие кои сакаат да ни ја земат историјата, тие се бореа против нас пред повеќе од 50 години. Тие никогаш нема да бидат администратори. Тие сакаат да ја нема Македонија и да ја нема нашата историја, бидејќи сме трн во нивните очи! Нашата богата историја покажува колку е нивната слаба. Колку секогаш тие биле на погрешната страна“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека Гоце Делчев рекол дека ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи од Македонија, тој се лаже и себеси и другите. Затоа денес е потребно востание на умот, на разумот, на демократијата. Ова е историски момент – но за себе и на светот да му се покаже дека граѓаните не сме мали во умот, дека не се македончиња, туку горди Македонци.
„Ова не се протести само за просто отфрлање на францускиот предлог, ова се и ПРОТЕСТИ ЗА ПАД НА ОВАА АНТИМАКЕДОНСКА ВЛАДА!!! Какви Македонци се овие од Владата? Каков Македонец е Маричиќ? Каков Македонец е Османи? Каков Македонец е Ковачевски? Што направија тие истите за младите изминативе скоро шест години!? Освен срам, депресија, безпарица, преживување, зголемена младинска невработеност, зголемено иселување? Што направија!? НИШТО! Ама буквално ништо! Не можат да се пофалат со ниту една странска инвестиција! Ниту со нови работни места! Ниту со подобра иднина на младите! ОВИЕ СЕ НАЈГОЛЕМИТЕ НЕРАБОТНИЦИ И НАЈНЕСПОСОБНИ ЛУЃЕ ШТО МАКЕДОНИЈА ГИ ИМАЛА НЕКОГАШ“, нагласи Манасиевски.
Тој потсети дека пред неколку години, истата оваа власт, вети враќање на младите во Македонија! А, сега истите тие, ќе ги ОСТАВАТ МЛАДИТЕ БЕЗ СОПСТВЕНА ДРЖАВА! Како да не се исселуваат младите, кога го губат чувството на припадност кон својата држава поради националното обезличување што овие го приредуваат години наназад!
„Ние младите нема НЕМО да стоиме на страна и да бидеме НЕМИ набљудувачи. Активно ќе бидеме вклучени, да кажеме НЕ на францускиот предлог и пад на оваа ненародна влада! Ние младите ќе бидеме водачи на овие процеси! МЛАДИТЕ ЌЕ СИ ЈА ЗАШТИТАТ ДРЖАВАТА! ЗА ДА ИМАМЕ ПОДОБРА ИДНИНА! ТУКА ВО МАКЕДОНИЈА, КАКО МАКЕДОНЦИ, КОИ ГОВОРАТ МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК! Затоа, ги повикувам сите млади да ни се приклучат и рамо до рамо да бидеме во првите редови“, потенцира Манасиевски.
„Браќа и сестри, во ова време невреме, кога сакаат да ни го одземат идентитетот, јазикот, достоинството, потребно ни е обединување. И леви и десни. И мажи и жени. И млади и стари. Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и сите останати. Сите треба да бидеме едни до други. Бидејќи тука сме родени и растени. Сме се образувале, заљубувале, играле, радувале, тажеле. Ова парче земја ни дало се што ни е потребно во животот. Е сега е време и ние да и вратиме на нашата татковина! Ние не сме ниту Грци, ниту Бугари! Ние сме горди Македонци и тоа така ќе остане! Не сакам моето дете да остане без држава! Не смееме да дозволиме нашите поколенија да бидат ништо друго освен горди Македонци! Сите заедно да упатиме јасна порака! Не за францускиот предлог! Не за бугарскиот предлог! Не за ултиматуми! Не за менување на историјата и учебниците! ЕДНО ГОЛЕМО ДА ЗА МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНСКИОТ НАРОД! ДА ЖИВЕЕ МАКЕДОНИЈА“, повика Манасиевски.