Утревечер, 20 септември, традиционално ќе се одржи голем народен собир во кичевскиот манастир кој го слави патронот вечерта спроти Мала Богородица.
Еве, ни засветли светол и сечесен спомен. Се раѓа Живот, од беживотна утроба. На свет доаѓа Мајката на светот. Да ликуваат небесните, да играат земните, заедно со премудрите Јоаким и Ана, традиционално порачуваат од манастирот во поканата за слава на патронот од Свештената пречистанска обител „Благовештение на Пресвета Богородица“.
– О, чудо преславно и необично, кој јазик може да ја воспее или која уста може да ја возвеличи Нејзината Красота. Посветла е од небесата и од зраците поблескава, Пречистата Царица. Се радува и нашата обител, што за топла моливеница ја има Онаа која е бедем и заштита на целата вселена. По повод Нејзиното светло Рождество, ве покануваме заедно со нас да земете удел во величањето на нејзиното благолепие. Богородица да не запази по патот на вистината да сведочиме смело за верата во Воскреснатиот за нас, Спасителот и Господ наш Исус Христос во векови, Амин, се зборови со кои народот се кани на манастирската слава.
Манастирот посветен на Св. Богородица – Пречиста или попозната како Кичевска претставува духовен центар на Кичево и регионот. Сместен е на планината Цоцан, на надморска височина од 920 метри. До него се стигнува кога излегувате од Кичево и одите по магистралниот пат кон Битола, на 5 километри јужно од градот. Според преданијата, 500 метри подолу од денешниот манастир, се издигал уште еден манастир, „Крнински” манастир кој името го добил според селото Крнино кое денес не постои како и самиот Крнински манастир. Некои историски извори го поистоветуваат токму манастирот Света Богородица – Пречиста со Крнинскиот манастир, но тоа не е точно.
Манастирот Света Богородица – Пречиста е изграден во 1316 година. Во 1558 година, сараценските одреди во служба на турскиот Султан го горат до темел манастирот. Монасите успеваат да се спасат преку подземни тунели. Во 1564 е подигната друга црква што исто така изгорела во 1843 година. Сегашната црква датира од 1850 година. На новиот величествен храм работеле мијачките мајстори од тајфата на Дичо Зограф. Фрескоживописот го одзема здивот со својата убавина. Еден негов дел не е фрескоживописан и служи за некрстените христијански верници, а во него им е дозволено да се молат и муслимани.
За неговото настанување е врзана доста интересна легенда која во иста содржина се среќава за уште еден близок манастир. Самиот Бог, го одредил местото за ѕидање на новиот манастирски комплекс. Легендата вели дека на местото на кое жителите од околните места одлучиле да градат манастир, оставале икона да преноќи. Но утрото кога дошле да започнат со работа, иконата ја немало. Ја барале долго време, се’ додека не ја нашле крај еден извор. Потоа повторно ја вратиле на старото место. Но утредента се случило повторно исто. Иконата во огнен пламен прелетувала и доаѓала на изворот. Како божји знак, одлучиле наместо на првичното место, манастирот да го изградат токму над изворот. И ден денес тој извор постои во манастирската црква, како и самата света сребрена икона посветена на Богородица која се чува во еден мал олтар.
За време на турското владеење, во манастирот се пишувани книги за околните цркви и манастири. Манастирот имал печат од 1763 година. Во 1848 година манастирот доживува да бидат запалени сите книги кои моментално се пронашле таму, а по наредба на дебарскиот грчки митрополит Мелетиј. И покрај тоа, богослужбата продолжила да се одржува на словенски јазик. Во склоп на манастирот постоело и училиште во кое се подготвувале свештеници и учители за Кичевско, Дебарско, Охридско и Тетовско. Се мисли дека токму во овој манастир учеле и Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски. Оттука потекнува и Крнинскиот дамаскин од последната деценија на XVI век кој денес се чува во Скопје, во Институтот за Македонски јазик. Постои зачуван манастирски споменик, препис од 1864 година, а исто така има уште еден поменик од 1885 година. (* Илија Велев)
Дел од фрескоживописот на манастирот Св. Богородица Пречиста (Кичевска)Манастирот одигрува огромна улога и за време на Илинденското востание. Во него прибежиште наоѓале локалните чети. Свештениците кои тука служеле активно се зазеле во ширењето на пропагандата на ТМОРО. Лука Џеров во своите спомени, запишува:
„Имаше еден ѓакон Јосиф, калуѓерче во манастирот Пречиста, кој се наоѓа до градот Кичево. Тој ѓакон, родум од Крушево, беше идеално момче, умно, чесно, со цела душа предадено на нашата идеја. Се сметавме за подредени на Централниот комитет и дејствувавме во согласност со уставот. Манастирот Пречиста имаше најголемо значење за да успее нашето дело. На ѓакончето Јосиф населението гледаше како на светец и многу му веруваше. Тој агитираше од амвонот, се врз основа на евангелието. Таму луѓето често одат, таму се даваа клетви, таму го направивме првиот склад со оружје, оттаму тоа се делеше во почетокот итн. Во манастирот имаше четворица калуѓери и двајца свештеници кои не учествуваа во нашата работа. И игуменот Софрониј е светец, родум од Вранештица, Кичевско. И тој беше вклучен, помагаше со пари, дозволуваше се да се работи во манастирот, помагаше со совети, со молитви. Сите го почитуваат и го сакаат и до ден-денешен. Со помош на ѓакончето и индиректната помош на игуменот, делото успеваше. Следната година заминав за учител во Кичево и истовремено му бев секретар на новоназначениот владика, Козма. Тој дотогаш беше претседател на општината. Во Кичево затекнав организиран комитет од ѓакончето и учителите. Останав во текот на 1897/8, а во текот на учебната 1898/9 и 1899/1900 година бев инспектор на селските училишта во целата епархија. Ги обиколував кичевските и дебарските села. Во таа обиколка ја ширев идејата, главно меѓу учителите.“
Во овој манастир во дваесетите години одминатиот век прибежиште наоѓа големо братство руски калуѓерки кои бегаќи пред налетите на црвено – армејците, својот духовен живот го продолжиле тука. Почиваат во мир на манастирските гробишта, недалеку од манастирот.
За огромното значење на овој духовен храм, доволно говори и податокот што првиот македонски архиепископ на возобновената древна Охридска Архиепископија, Г.Г. Доситеј, монашката одежда ја облекол токму во манастирските ќелии на Св. Богородица Пречиста. Во втората половина на XX век манастирот страда од пожар во кој горат дел од неговите конаци. Во рамките на манастирскиот комплекс, припиена на јужните ѕидови од црквата Света Богородица – Пречиста, се наоѓа малата манастирска црква посветена на Свети Отец Никола. Иако се наоѓа во истиот комплекс, за многумина таа останува непозната, зашто величината на црквата посветена на Света Богородица во целост ја засенува.
Денес манастирот Света Богородица – Пречиста е женски манастир. Негов ден е 21 септември – Мала Богородица, денот на рожденството на Мајката Божја. Во чест на овој празник, вечерта на 20 септември се собира многу народ.
Фотографирање и снимање во манастирската црква е забрането и за тоа треба посебна дозвола.
(Подготви: Д. Г.)