На 2 Август се празнува Свети Илија – Илинден, празник на светецот, за кој се верува дека создавал молњи, громови и бури, затоа е наречен уште и Громовник. Во земјава има верско и национално значење. На 2 Август, се случиле два пресудни настана за Македонците и за македонската државност – Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ.
Многу цркви и манастири се посветени на овој светец, a на Скопска Црна Гора има дури два, чиј патрон е Свети Илија.
Секоја година река од народ се упатува кон падините на планината за да го прослави празникот во еден од двата манастири.
Се верува дека овде е најстарата црква Скопје, која датира од 11 век
Атмосферата празнична, весела. Секоја година овде доаѓаат многу Роми, кои на 2 Август се присутни редовно во манастирот. Некои од нив носат и инструменти, па музиката се разлева низ целиот тој крај.
За овој манастир се поврзува и една случка, која се раскажува од колено на колено.
Некаде на почетокот на дваесеттиот век еден муслиман често доаѓал во манастирот во скопско Мирковци и земал од водата која извира во самата црква за која верувал дека е лековита. Водата и ја давал на својата болна сопруга. Сопружниците верувале дека ќе се случи чудо, дека жената ќе оздрави. Еден ден клисарот кој во тоа време служел во манастирскиот комплекс, во чиј склоп се наоѓа и црквата, во себе си промрморил дека нема да му дава лековита вода на човекот од туѓа вера. Па така, наместо од изворот во црквата му ја полнел стомната од Бањанска река која тече во близина на манастирот. По извесно време муслиманот пресреќен дошол во црквата, а со себе носел голем број подароци. Неговата сопруга оздравела. А тој верувал дека тоа се должи на лековитата вода од црквата. Не знаел дека понекогаш добивал и вода од Бањанска река.
Во Светото Писмо во евангелијата е опишана една случка кога една болна жена, која сиот свој имот го потрошила по лекари, а ниеден не можел да ја излекува, пристапувајќи одзади, се допре до крајот на облеката на Исус и наеднаш оздравува. Исус праша: „Кој се допре до мене?“ Жената се јавила и му кажала зошто го сторила тоа, и рекла дека оздравела. Исус тогаш и рекол: „Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир!“
И ден денес луѓето доаѓаат во црквата за да земат вода за која веруваат дека е лековита. Изворот е црквата што се наоѓа до „Св. Илија“, а која е исто така дел од манастирскиот комплекс, и е наречена Балаклија по празникот кога Богородица му ги мие раните на Исус. Мештаните веруваат дека старата мала црквичка „Балаклија“, која е на неколку чекори од старата црква „Св. Илија“, и блиску до конакот, е најстарата црква во овој дел од Скопје, чии темели биле поставени во 11 век.
За овој манастирски комплекс, кој им е многу добро познат на скопјани, и кој е претесен за да ги собере сите оние кои доаѓаат на 2 Август- Илинден, нема подетални информации во стручната литература. Познато е дека бил изграден пред почетокот на Втората светска војна, на местото каде што постоеле остатоци од стариот манастир. И пред да биде изграден, луѓето се собирале тука на 2 Август- Илинден.
Дворот, убаво среден, со цвеќиња, фонтаната околу која се собираат галеби, клупи, корпи за отпадоци. Зелената трева, просто мами да седнете и да уживате во празничната глетка.
Ресторанот „Чардак“ секоја година им помага на црковните лица од манастирот да ги пречекаат верниците со гравче, кое денеска се послужува во сите храмови кои го празнуваат својот патрон свети Илија.
Го напуштивме манастирот уште пред да почне да се полни.
Првото македонско богословско училиште
Тргнавме кон „Св. Илија-Горни“, во селото Бањани, уште еден манастир посветен на овој светец. Скопска Црна Гора била свето место за христијаните, кои за време на турското владеење на овие простори црквите и манастирите ги граделе токму на нејзините падини. Скопска Црна Гора некои ја нарекуваат Скопска Света Гора. Таа името го добила по многубројните монаси. Се црнееле нејзините падините од црните мантии. Некои велат дека за време турско, биле убиени околу 100 монаси.
Средновековниот манастир Св. Илија – Горни, се наоѓа во селото Бањани на околу 17 километри од центарот на Скопје. До манастирот се стигнува по асфалтиран кривулест пат. Овој свет храм, скриен во падините на Скопска
Црна Гора, е опколен со шума, а до него тече Бањанска река која му дава посебна убавина на целиот тој предел. Таа пленува со своето жуборкање и ретко кој може да одолее, а да не застане накратко за да го послуша тој пријатен звук. Тесниот пат претесен за да се паркираат сите кои дошле во манастирот со автомобил.
Како и што очекувавме дворот почнал да се полни. Едни седат на масите, други ги шетаат конаците, трети горе кај црквичката, некои ѕиркаат од огрдата и ја набљудуваа реката. – Не сме од селото. Но, често доаѓаме тука. Редовно сме тука за празникот 2 Август. Убаво ни е, си уживаме, ни вели Гоце кој седеше со својот пријател Зоран на една од масите.
Забележавме неколкумина како се искачуваат по скалите кои водат до манастирска црква. Тие ни кажаа дека се чести посетители на манастирот. Дошле да запалат свеќи во малата еднокорабна црква. Таа е слепена со северната страна до една карпа. Некои ја нарекуваат и пештерна црква. Фреските датираат од 14 век и се многу оштетени.
Откако излеговме од црквата, сретнавме еден од мештаните, кој ни раскажа некои детали за храмот, иако, како што ни рече, и тој не знае за неговата историја, не знае од кого бил изграден и кој ги цртал фреските и иконите. – Не би можел многу да ви кажам. Знам дека манастирскиот комплекс е изграден во 14 век. Овде учеле и првите македонски свештеници. Тука била првата Православна Богословија . На 1 ноември 1967 година со 68 ученици овде почнале да учат сите пет класови. Но, манастирот немал доволно услови и било многу ладно, па учениците ги преместиле во Свети Спас во Драчево, каде што е и сега средното богословско училиште, ни раскажува Миле.
Во манастирот најмногу доаѓаат поради изворот со вода во дворот, за која луѓето веруваат дека е лековита. Чешмата е во вид на око. Луѓето веруваат дека водата помага за болести на очите.
-Ова верување не од сега, со векови доаѓале тука оние кои имале проблеми со видот. Јас не можат да кажам дали навистина таа вода помага за видот, но има луѓе кои велат дека им помогнала. Многу мајки доаѓаат со децата да ги замијат и велат дека после тоа децата не им плачеле, се смирувале, вели нашиот соговорник, кој е свесен дека Црквата таквите верувања ги смета за празноверие.Но, луѓе што дошле со проблем, особено за очи, после тоа го препорачуваат манастирот на други, што, според него, е доволно да се заклучи дека „има нешто“.
Тоа нешто, верниците би рекле е верата дека ќе се излекувате, а не дека е водата лековита.
Во овој дел од Скопје, црквите и манастирите се познати по тоа што во неколку од нив работеле и познатите мајстори на занаетот Дичо Зограф, Димитар Папрадишиски, Михајло и Евтихие и други. За храмот „Свети Илија Горни“, нема податоци дека во него фреските ги сликале познати фрескописци.
Порано, авторите кои сликале низ црквите не се потпишувале поради нивната христијанска скромност, а создавале врвни уметнички дела низ црквите и оставиле богато културно наследство со кое ние денеска се гордееме.
И покрај гужвата од рано изутрина во манастирот за празникот, не може да не се забележи убаво уредениот двор со дебела сенка од дрвја. Интересно е да се напомене дека ова прекрасна место е искористено како една од локациите каде се снимани сцени од филмот „Пред дождот” на познатиот македонски режисер Милчо Манчевски. И тој не можел да одолее на целиот тој простор од убавини, кој тешко може да се опише со зборови, може само да се доживее.
Го напуштивме манастирот. Денеска тука ќе се празнува цел ден. Ќе се празнува и низ целата држава. Денот на свети Илија – Илинден, секогаш ќе има посебно место за Македонците, и во духовната и во националната историја на македонскиот народ.
Ирена Радовановиќ/МИА