Секоја година претпоследниот викенд од месец мај ентузијасти, вљубеници во планината и културното наследство ја минуваат патеката на една легенда од 11-от век, насловена „4М“, патека која преставува магичен спој на монументалните споменици на културата – манастирите Свети Гаврил Лесновски во Пробиштип и Свети Јоаким Осоговски, кај Крива Паланка.
Автор и реализатор на акцијата, која годинава одбележува дваесетгодишен јубилеј од востановувањето, е Стојанче Величковски, лиценциран планинарски водич и сестран уметник од Крива Паланка.
– Брендираната патека „4М“ е содадена во духот на народната традиција врз позната Лесновска легенда и има за цел да ги поврзе во Балканска трекинг патека манастирите на некогашните пустиножители Св. Гаврил Лесновски и Св. Јоаким Осоговски во Македонија, Св. Јован Рилски во Бугарија и Св. Прохор Пчински во Србија, рече Величковски.
Планинарско-културната манифестација традиционално се оджува во претпоследниот викенд од мај, како туристички аражман според заинтересираноста на учесниците, а за да се помине во еден ден потребно е учесниците да имаат добра физичка подготвеност.
Според него, со изградбата на сместувачкиот капацитет во рамките на туристичката инфо точка во селото Каврак, Кратовско, се создаваат услови трансверзалата да се организира во помали групи и како дводневна тура.
– Ретко кој може да остане рамнодушен на вистинското изобилие на природни реткости, културни знаменитости, гео-морфолошки форми, ареали на ендемични флора и фауна, традиционална архитектура, селско-стопански објекти, па и подрачја кои што се вистински куриозитет во Македонија, каде што оргиналната народна носија е во секојдневна употреба. Интересно е што долж трасата каде минува патеката има доволно питка вода. Инаку, патеката како еднодневна спаѓа во средно тешките патеки, па за послабо подготвени учесници има можност да се организира како дводневна и делумно да биде помината со организиран превоз, додава Величковски.
Меѓународната планинарска трансверзала „4М“ е авторски проект на Величковски и е прифатена од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија во 1998 година. Од 2015 таа е дел од Програмските активности на Регионалното здружение за развој на планинарење, алтернативен туризам и настани инспирирани од културата „ПАТНИК“ – Крива Паланка.
Секој учесник на трансферзалата има добиено трансверзална книшка како доказ дека учествувал во неа. Во рамки на Трансверзалата досега се одржани три самостојни тематски изложби на фотографии на Величковски, со кои се афирмирани убавините на Осоговските Планини и на Планинарската Трансферзала.
„4М“ е афирмирана и во меѓународни рамки, а фактите говорат дека е привлечна за сите, од седум до 77 години.
– Во овие две децении одржување на Меѓународната трекинг патека доделено му е признание за почесен учесник на маестро Борис Трајанов, рекордот за најмлад учесник и припаѓа на Анѓа Жикиќ од Планинарскиот клуб „Драган Радосављевиќ“ од Заечар, Република Србија, со седум години два месеци и 19 дена, која ја минала патеката во целост, додека највозрасен учесник е Геле Гелевски на 77 години од Планинарски клуб „Бистра“ Скопје, раскажува Величковски.
Досега низ патот на легендата од 11. век минале околу 500 учесници, дел од нив традиционално повеќе пати, дел од нив по еднаш.
– Имаме и верни поддржувачи-учесници кои биле наши верни сојузници низ годините, минувајќи ги планинските падини, долини и низини, реки, во секакви временски услови. Од оние кои се стекнале со признание за десет учествува на трансверзалата ги издвојувам: Игор Ангеловски од извиднички одред „Наум Наумовски – Борче“, Крива Паланка и Марио Алексовски од РЗР „ПАТНИК“ , Крива Паланка. По повод 10 години од востановување на Трансферзалата засадена е декоративна јапонска цреша, а за 15-годишнина засадена е специјален вид црница во манастирскиот комплекс Св. Јоаким Осоговски, рече Величковски.
Само една трансферзала, првата, е одржана во месец август, пред да се добие традиционалниот термин во Републичкиот календар, и тогаш е откинат еден плод од шествековната црница и истистиснат е во трансферзалниот печат, за да секоја наредна година во знак на продолжување на традицијата се откинува по еден лист од омиленото стартно место, шествековната црница во дворот на Лесновскиот манастир.
Атракција на трансверзалата е начинот на пренесување на бројот на учесниците со гулаби – писмоносци. Интересна занимливост е што скоро редовно манастирските кучиња од Лесновскиот манастир ги придружуваат планинарите до Осоговскиот манастир и по неколку дена сами се враќаат назад.
Стојанче Величковски со гордост го најави поставувањето на патеката „4М-2“, која ќе води од Св. Гаврил Лесновски до Св. Прохор Пчински.
За сите кај кои со нашата репортажа пробудивме интерес за учество на патеката „4М“ по патот на една легенда од 11. век, еве ја легендата:
– Во Лесновската Гора живееле духовните браќа пустиножителите Светите Јоаким Осоговски, Гаврил Лесновски, Прохор Пчински и Јован Рилски кои што еден ден решиле да се разделат на тој начин што кој како што ќе се разбуди пред изгејсонце да тргне во непознат правец и на местото каде што ќе стигне до зајдисонце да го изгради својот духовен храм. Прв се разбудил и тргнал Св.Јован и стигнал до падините на Рила (Бугарија), по него Св. Прохор, кој стигнал до долината на река Пчиња (Србија) во Козјачијата, а по нив се разбудил и тргнал Св. Јоаким Осоговски и стигнал до Осоговските Планини. Кога видел Св. Гаврил дека неговите духовни браќа заминале решил да остане во Лесновската Гора, раскажува Величковски, повикувајќи ги сите љубители на планината на дружење во природа, да се придружат на групата која годинава ќе ја мине „4М“.