Манчевски и градоначалникот на Чаир, Ганиу, во самоизолација

/ 01.06.2020

Уште двајца функционери денес јавија дека се во самоизолација поради контакт со позитивен на Ковид – 19. Станува збор за министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, кои информираа преку нивните профили на социјалната мрежа Фејсбук.

„Согласно препораките на епидемиолозите, поради средбата со мојот другар и колега Мухамед Зекири, во наредните девет дена ќе бидам во самоизолација“, напиша Манчевски додавајќи дека на средбата биле применувани здравствените протоколи, но сепак препораките на здравствените експерти се најважни и мора да ги почитува.

Градоначалникот Ганиу исто така наведе дека имал контакт со позитивен на корона вирус, но не откри за кого станува збор.

„Ќе ја искористам можноста преку овој вид на комуникација да ве информирам и да ја споделам загриженоста за начинот како се одвива состојбата со корона вирусот. Воедно сакам да ви дадам до знаење дека овие денови имав контакт со лице кое резултираше позитивен кон тестот за COVID -19, затоа од овој момент ќе останам во самоизолација и ќе делувам според протоколите на соодветните здравствени институции“, соопшти Ганиу.

Тој апелира граѓаните да внимаваат, да се придржуваат до предвидените мерки и сериозно да ја земат оваа тематика и предизвик, бидејќи, како што вели „состојбата не изгледа воопшто добра и секогаш постои можност да тргне кон полошо“.


Од истата категорија